Честитка од Димитриев по повод Рамазан Бајрам

Претседателот на владата на Република Македонија Емил Димитриев по повод празникот Рамазан Бајрам упати честитка до Поглаварот на Исламската заедница во Република Македонија, Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи.

Интегрален текст од честитката:

Почитуван Поглавар на Исламската заедница во Република Македонија

Господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот празник Рамазан Бајрам.

Светиот месец Рамазан е најблагородниот и најсреќниот месец за Вас граѓаните од исламската вероисповед. Деновите кои се зад нас поминаа во духот на трпението и воздржувањето, несебичноста и дарежливоста. Посветеноста која беше одлика во мислите на секој исламски верник во изминатите денови на пост, нека и понатаму биде одлика која ќе Ве води по патеките на успехот, како во рамки на семејството, така и на деловен и професионален план. Празникот нека Ви донесе само убави нешта, а годината нека Ви биде исполнета со чисти мисли и позитивни дела.

Честитајќи Ви го празникот, дозволете ми да ги изразам своите убедувања дека во духот на добрите верски учења, во духот на нашата заедничка опстојба на овие простори и во иднина ќе продолжиме да ги негуваме принципите на почит и разбирање, принципите на помош и соживот меѓу граѓаните на Република Македонија, од сите вери и националности. Ваквото заедништво е клучно за вкупниот економски и граѓански развој на Република Македонија, за подобар живот на нашите граѓани, во сите региони на државата и во сите области од нашето општество. На тој пат, религиите се наша поткрепа, а традицијата и големите празници наше потсетување да се држиме заедно и заедно да чекориме напред.

Нека е честит големиот празник!

Имајте топлина во домовите и мир во семејствата!

Нека е честит Рамазан Бајрам!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.