Честитка од Груевски по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

– На овој голем празник нашата држава и сите ние се поклонуваме пред ликот и делото на светите браќа Кирил и Методиј, како неизмерно значајни личности од нашата историја и нашето културно, етничко и духовно постоење како народ и нација. Со создавањето на Глаголицата, многу народи, меѓу кои и македонскиот народ, добија можност да ги примат и шират христијанските вредности, да творат и да напредуваат на свој близок и разбирлив јазик. Ваквиот потфат, целокупната просветителска и мисионерска улога на Кирил и Методиј, како и големиот број нивни ученици кои ја продолжија нивната епохална дејност во Македонија и во светот, претставува дело кое е тешко замисливо, а уште потешко остварливо од било кој современик во Македонија. Сепак, тоа е подвиг кој инспирира, подвиг кој потврдува дека со љубов, со труд, со постојаност, секој човек и секоја генерација може да остави дела за паметење, дела кои ќе го надживеат и ќе останат долго да се паметат и да им служат на генерациите кои доаѓаат, истакнува Груевски во честитката.

Во тој дух, како што додава претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, да празнуваме и да се радуваме што живееме и твориме на земја во која твореа светите апостоли Кирил и Методиј, да бидеме горди на нивното наследство, да си го сакаме, чуваме и почитуваме сопствениот јазик, сопствената култура, сопствената држава, своето минато, сегашност и иднина.

– Нека е вечно нивното име и нека ни е за многу години големиот државен празник Свети Кирил и Методиј!, истакнува Груевски.