Честитка од Груевски по повод празникот Богојавление-Водици

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници.

– Денес, кога во целиот православен свет, во сите наши градови и во сите места каде што живеат Македонците, се слави еден од основните столбови на христијанските празници, во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, Вам лично, на Вашето свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Република Македонија и дијаспората, Ви упатувам честитки по повод големиот христијански празник, Богојавление – Водици, вели Груевски во честитката.

Прославувањето на оваа света тајна на христијанството, додава, е длабоко врежано во вековната православна традиција, во нашето живеење во верата и богоугодниот пат.

– Токму затоа, секоја година со радост го прославуваме овој голем празник, присетувајќи се на потребата од силна верба и покајание, од чиста мисла и трпение. Денес, прославувајќи го големиот празник, да се помолиме за нашите семејства, нашите блиски и нашата држава, наведува во честитката.

Да се помолиме за топлина, надеж и чистина на душата во секој од нас. Нека Бог ги чуе нашите молитви и нека ја благослови нашата земја, водите кои течат низ неа и сите наши граѓани, порача во честитката премиерот Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.