Честитка од Иванов до Обама по повод 4-ти јули

Честитка од Иванов до Обама по повод 4-ти јули

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати честитка до американскиот претседател Барак Обама по повод Националниот празник на САД, 4 јули – Денот на независноста.

– Односите со Соединетите Американски Држави за нас се исклучително значајни, а заложбата за нивното натамошно зацврстување претставува посебен интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани. Соединетите Американски Држави даваат силна и континуирана поддршка на напорите за консолидирање на мирот, демократијата и стабилноста во регионот, како и за остварување на стратешките надворешнополитички цели на Република Македонија, стои во честитката од Иванов.

Македонскиот претседател посочува дека одамна заслуженото полноправно членство на Република Макеоднија во НАТО, како и натамошната интеграција во Европската унија, стабилноста и просперитетот на регионот, продлабочувањето на регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи, остануваат да бидат највисоки приоритети но и предизвици на нашата надворешна политика.

– Имајќи ги предвид бројните безбедносни закани за регионот, пролонгираната  status quo состојба во евроатлантската интеграција на Република Македонија веќе не е само политичко туку и безбедносно прашање. Затоа, искрено се надеваме на Вашата лична поддршка и поддршката од Соединетите Американски Држави во насока на добивање на заслуженото полноправно членство во НАТО, истакнува претседателот Иванов.

Во честитката Иванов ја посочува подготвеноста на Република Македонија за натамошна успешна соработка со Соединетите Американски Држави во сите области од заемен интерес, како заеднички придонес кон просперитетот на регионот на Југоисточна Европа, но и воопшто, во глобални рамки, како стратешка определба на нашите држави.