Честитка од Иванов по повод 9 Mај – Денот на Европа

Претседателот на Република Македонија  Ѓорге Иванов, по повод 9 Mај, Денот на Европа, упати честитка до Доналд Туск, Претседател на Европскиот совет.

„Дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод 9 Mај, Денот на Европа. Одбележувајќи 65 години од Шумановата декларација, се потсетуваме на благородната визија за Европа како мировен проект што треба да донесе мир, надеж, просперитет на нашиот континент. Ваша Екселенцијо, ја користам оваа пригода да Ве уверам дека Република Македонија ќе го продолжи реформскиот процес со цел достигнување на европските стандарди и критериуми и ќе продолжи да придонесува за регионалната соработка, во одржувањето на стабилноста и просперитетот на регионот на Југоисточна Европа. Република Македонија е подготвена, веднаш и неодложно, да ја започне следната фаза од интеграцијата во Европската унија, но истовремено бара почитување на меѓународното право и на меѓународно преземените обврски. Република Македонија бара еднаков и правичен однос од европското лидерство и од сите земји-членки на Европската унија и очекува да се примени позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на отворените билатерални прашања. На Република Македонија како и на целиот регион на Југоисточна Европа потребна им е забрзана интеграција во Европската унија. Тоа е најдобриот начин нашиот Регион целосно да се консолидира, да влезе во фаза на поголема стабилност и просперитет. Истовремено со интеграцијата на Република Македонија и сите држави од Југоисточна Европа, ќе се консолидира и Европската унија. Со такво очекување и со желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување“, се вели во честитката на Иванов.