Честитка од Иванов по повод почетокот на рамазанските пости

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод почетокот на рамазанските пости, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис-ул-Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

– Рамазан е најсветлиот месец во исламот, месец на пост, молитва, солидарност и милост. Деновите на постот се можност да се покаже великодушноста и да им се помогне на сиромавите, со надеж за милост, бериќет и проштевање на гревовите пред портите на рајот. Во месецот кој го слави духовното и телесното прочистување, посакувам сите верници од исламска вероисповед преку својата вера, посветеност и молитва да се присетат на благословите на големиот светец и да ги споделат со семејството и блиските, вели Иванов во честитката.

Длабоко се надевам, додава македонскиот претседател, дека преку искушенијата на постот, верниците од исламска вероисповед ќе се поведат по највозвишените вредности – трпеливоста, воздржаноста, дисциплината и мудроста.

– Во духот на празникот Ви посакувам лесни Рамазански пости. На сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам мир, благосостојба, љубов и проштевање, вели претседателот Иванов во честитката по повод почетокот на рамазанските пости.