Честитка од Иванов за Водици

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Богојавление -Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници.

– Водици е празник кој го потенцира значењето на светата тајна на крштевањето како еден од столбовит на христијанството. Одбележувајќи го денот кога свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во водите на реката Јордан, ние го славиме нашето духовно раѓање, што ја зацврстува нашата верба, ни дава надеж за подобро утре и не поттикнува меѓусебно да се почитуваме и да се престигнуваме во добрина. Тоа се вредности врз кои ја темелиме и вековната македонска традиција на соживот и на почитување и прифаќање на различноста, се вели во честитката.

Нека овој празник, кога ги осветуваме нашите води, ни даде можност да посветиме внимание, почит и љубов кон нашите семејства, соседи и пријатели, свесни дека сплотени можеме да се справиме со сите предизвици и искушенија. Нека ни е честит и вековит овој голем христијански празник, стои во честитката на претседателот Иванов.