Македонија

Честитка од Комисијата за верски заедници по повод Божик

Честитка од Комисијата за верски заедници по повод Божик

Честитка по попод христијанскиот празник Рождество христово Божик до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан и до православните верници упати директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска.

– Дозволете ми во мое лично име и во името на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Вам лично, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на целото свештенство и монаштво да упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот христијански празник-Рождество христово Божик. Божик е најрадосниот празник меѓу христијаните, денот кога секој од нас во кругот на нашите семејства најмногу треба да се радува и да биде со Бога, се вели во честитката.

Како народ на верата, посочува Божиновска, отсекогаш сме граделе заедница врз вистинска божја љубов со која сме ги негувале највисоките духовни вредности и сме се радувале на божјите благослови.

– Нашата Македонска Православна Црква-Охридска Архиепископија е вистинскиот пример за тоа. Таа е нашиот духовен светилник преку кој силно и гордо свети нашиот национален идентитет, нашето богољубие, столбот на македонската духовна и вековна опстојба. Големата љубов со која Бог на овој голем празник преку Раѓањето Христово се објави на сите луѓе е и наш заеднички стремеж, да не дозволиме да зацаруваат омразата и поделбите, туку љубовта, мирот и взаемното почитување. Токму затоа, нека празничната икона на новородениот Спасител биде постојано пред нашите духовни очи, да продолжиме да ја негуваме и чувствуваме божиќната радост традиционално присутна во секој наш дом и во секое наше семејство и истата да ја пренесуваме на нашите рожби и идни поколенија, стои во честитката.