Честитка од МД „Илинден“ по повод Водици

Македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана, од името на сите Македонци во Албанија, упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА, неговото блаженство архипископ Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите православни верници по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици.

Богојавление е настан што просветлува и не поучува на прочистувањето кога постои вистинската верба, се наведува во чститката и се посочува дека радувајќи се на Исусовото крштевање и осветувајќи ги македонските води да си посакаме подобра иднина, знаење, мудрост и енергија, сила и верба за позитивните исчекори.

– Да се помолиме и да си посакаме убави празнични денови, а убавите мисли и дела, честа и достоинственоста да не следат и да се постојано со нас и оваа година. Бидете благословени и нека ни е честит големиот христијански празник Ваше Блаженство,стои во честитката.

Во духот на македонските обичаи и традиции празникот Водици се слави насекаде во Албанија каде што живеат Македонци, Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник и во поголемите градови низ Албанија.

Крстот украсен со босилок во Голо Брдо се полага во реките, додека во Мала Преспа традиционално сите села полагаат крст во Преспанското Езеро.