Честитка од премиерот Груевски по повод католички Божиќ

Премиерот Никола Груевски упати честитка до Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Република Македонија Киро Стојанов и до верниците од католичка вероисповед во Република Македонија по повод празникот Рожденство Христово – Божиќ.- Во моменти кога во кругот на семејството ги празнувате Божјата љубов и благост, мирот и радоста, искрено ви посакувам многу здравје и среќа, неизмерна љубов, бериќет и духовен мир во вашите семејства, стои во честитката.

Божиќ, како што е наведено, е празник на љубовта и радоста, празник на правдата, слободата и вистината. Празнување на толеранцијата, трпението и потребата еден со друг да се почитуваме и разбираме. Светата божиќна ноќ и божиќниот ден нека бидат мигови на молитва за своите ближни, за духовен мир и духовна сила. Молитва за мир и благосостојба, за развој и напредок, за нашите и идните генерации на Република Македонија.

– Со божја помош и силна верба, со заедништво, слога и почитување, искрено се надевам дека како и досега така и во иднина, ќе продолжиме да работиме на исполнување на нашите заеднички цели за подобра иднина на сите граѓани на Република Македонија, се вели во честитката на премиерот Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.