Честитка од Вељаноски по повод Денот на Ромите

По повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, од свое лично име и од името на Собранието на Република Македонија, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски упати искрени честитки до сите припадници на ромската етничка заедница во Република Македонија.

„Одбележувањето на Меѓународниот ден на ромите во Република Македонија е потврда за почитувањето на ромската етничка заедница и нејзината автентична култура. Меѓусебното разбирање и почитување на културните особености се дел од нашата држава и наша одлика за активно интегрирање на сите етнички заедници. Во таа насока, можам да потенцирам дека Република Македонија е една од неколкуте држави која посветено е насочена во подобрувањето на социо-економскиот статус на ромите. Со задоволство сакам да истакнам дека ромската заедница, како и нејзини поединци, имаат дадено голем придонес во равојот на Република Македонија во сите сегменти на општественото живеење“, се вели во честитката.

Вељаноски изрази убедување дека сите имаме заедничка определба да работиме заедно кон изградба на модерна и просперитетна Република Македонија во која ќе се промовира не дискри­минација и ќе се овозможува еднаквост за сите граѓани.

– Со тоа сите ние ќе бидеме сигурни дека чекориме по вистинскиот пат на реализација на нашите европски и евроатлантски интеграции и сигурна иднина за генерациите што ќе следат, се вели во честитката.