Честитка од Вељаноски по повод Денот на сесловенските просветители

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски упати честитка по повод Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.

– Светите браќа Кирил и Методиј и нивното епохално и цивилизациско дело се придонес за македонскиот народ и за народите кои ги негуваат словенските културни особености. Наша е гордоста што нашите предци благодарение на светите браќа Кирил и Методиј  добија можност на свој разбирлив јазик да ги примат и шират христијанските вредности, стои во честитиката.

Во неа претседателот на Собранието додава дека нивната посветеност кон преводот на библиските текстови ги отворија портите на нови знаења и сеопшт развој на многу народи низ Европа и пошироко.

– Слободно, се додава, можеме да истакнеме дека огромна е и привилегијата што макотрпната работа и испирација за своите големи мисионерски походи ги црпеле токму од ова тло и од светилиштата во Македонија.

Во честитката се додава дека тие зад себе оставија и ученици, а меѓу најистакнатите се свети Климент и свети Наум, кои го создадоа Охридскиот универзитет еден од најстарите во Европа и паметник кој неможе да се избрише.

– Наша обврска е да создаваме трајни вредности, да го чуваме идентитетот, културата и јазикот. Убеден сум дека и идните генерации својот напредок ќе го темелат врз претходните и ќе ги спроведуваат светлите принципи на верба, истрајност и трудољубивост, наведува во честитката претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски.