Честитка од Вељаноски по повод христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, од свое лично име и од името на пратениците на Архиепископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан, членовите на Светиот Архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство, на сите православни верници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, во Република Македонија и на верниците во дијаспората, им честита големиот христијански празник, Успение на Пресвета Богородица.

Празнувањето на овој ден е славење на мајката Божја, која го донесе на свет синот Божји. Нејзиниот животен пат е вечен паметник за најголемиот христијански чин, а нејзината посветеност кон Бога и љубовта кон луѓето ни говорат за нејзината големина и улога во христијанството. Таа претставува вечен пример за чесност, искреност и грижливост кои се дел од основните принципи на христијанството и наши морални одлики. Низ историските текови во Македонија мајката божја е сметана за извор на безусловна љубов и мајчинство, таа е закрилник на мајките и жените и пример за бесценетоста на семејството. Силата и поддршката која доаѓа од домот се најважни во борбата со сите животни предизвици и искушенија на еден човек. Од друга страна, како христијани треба да сме насочени кон праведноста и добрината, да научиме да простуваме, да бидеме хумани и да споделуваме радост, но и да ги почитуваме највисоките морални вредности, вели во честитката претседателот на Собранието.

Вељаноски порачува искрено да веруваме во нашата сплотеност и да сме цврсто обединети во нашите цели за промовирање на православните хрисијански вредности, како и чување на духовното и културното наследство. Потребно е, истакнува во честитката, сите заедно да работиме за подобра иднина на секој граѓанин, како и на нашата држава Република Македонија.

Вам, како и на сите православни верници од Македонија и светот, Ви посакувам празникот да го поминете во духовен мир, исполнети со многу здравје, среќа и бериќет во секој дом, стои во честитката од Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.