Честитка од Вељаноски по повод Велигден

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски упати честитка по повод празникот Велигден до архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија, како и до сите православни верници на Македонската православна црква во земјата и во странство.

Интегрален текст од честитката:

Ваше Блаженство,

Со особена чест и задоволство, од свое лично име и од името на Собранието на Република Македонија, Вам, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија, како и на сите православни верници на Македонската православна црква во земјата и во странство, Ви упатувам искрени честитки по повод, Воскресението Христово – Велигден.

Овој прекрасен ден ја носи најголемата радост кога нашиот Бог ни даде можност на нас луѓето да сведочиме за неговите чуда и ни подари вечен живот. Велигден е празник каде го славиме животот кој треба да ни е насочен кон создавање на добри дела. Преку солидарноста и почитувањето еден на друг ги спроведуваме христијанските вредности кои се темел за нашиот напредок во животот. Светлината на воскресението незапирливо продира насекаде околу нас и ни ја дава потребната сила да сме истрајни и да се бориме со злото кое постојано не опкружува. Во нашето модерно време на живеење мораме да бидеме посветени на семејството како основна клетка на нашето општествено живеење, да бидеме сите сплотени и обединети како христијани кои ги почитуваат највисоките морални вредности.

Овој најголем Христијански празник е вистинска можност да ги потврдиме заложбите на Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија во зачувување на духовното и културното наследство и идентитетот на македонскиот народ. Тоа ќе го исполниме ако сме цврсто обединети и истрајни во нашата заедничка цел, а тоа е нашата држава Република Македонија.

Вам, како и на сите православни верници од Македонија и светот, Ви посакувам овие свети денови да ги поминете во духовен мир, исполнети со многу здравје, радост, среќа и бериќет во секој дом.

Нека ни е честит и вековит празникот.

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.