Честитки од сите страни за Груевски и Иванов, само СДСМ не ги признава изборите

Додека целиот свет ја признава и честита, само најголемата македонска опозициска партија СДСМ не ја признава ВладатаСо 77 гласа „за“ и 6 „против“, Собранието на 19-ти јуни ја изгласа новата Влада предложена од мандатарот Никола Груевски, а бројни честитики до македонскиот премиер стигнаа од бројни политичари, пишува порталот „Курир“.

Панданите на Груевски и Иванов им честитаат за победата на изборите. Првиот човек на Обединетите нации Бан Ки-мун, премиерите на Франција, Холандија, Чешка и Унгарија, Мануел Валс, Марк Рут, Бохуслав Соботка и Виктор Орбан се само дел од тие кои му честитаа за реизборот и му посакаа успех во работата на Груевски. Од друга страна, претседателите на Русија, Германија, Чешка, Словачка и други му честитаат на изборот на претседателот Иванов.

„Ви ги упатувам моите најикрени честитки за обновувањето на вашиот мандат за претседател на владата. Ви посакувам успех во новиот мандат. Особено се надевам дека во текот на вашата влада земјата ќе успее да ги спроведе сите реформи во поглед на нејзиното европско приближување. Бидете убеден  господине претседател на Владата дека Франција ќе работи на зајакнување и унапредување на политичките односи како и на билатералната соработка која постои меѓу нашите две земји. Ве молам господине Претседател на Владата да ги примете изразите на мојата висока почит“, стои во честитката од францускиот премиер Мануел Валс испратена до премиерот Никола Груевски.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун му го честиташе реизборот на Груевски, посакувајќи му многу успех  во спроведувањето на вашите важни одговорни задачи.

„Јас ќе продолжам да сметам на силната поддршка на вашата држава која е под ваше лидерство, во однос на спроведувањето на целите и принципите на Обединетите нации и во нашите заеднички напори за решавање на многу меѓусебно поврзани глобални предизвици. Знаејќи дека многу од тие предизвици бараат цврст регионален пристап, јас сум охрабрен од важноста која ја имате во ускладувањето и градењето на продлабочени добрососедски релации и соработка во Југоисточна Европа“, стои во честитката од првиот човек на ОН.

Бан Ки-Мун му порачува на Груевски дека верува оти неговата Влада исто така ќе продолжи со понатамошното јакнење на демократските институции, вклученоста во дијалогот и одржувањето на внатрешните реформи на вашиот пат кон евроатланската интеграција.

„Во таа насока,  ве уверувам во посветеноста на Обединетите нации за поддршка на вашата влада и граѓаните во остварувањето на вашите државни приоритети и планови. Исто така сакам да ве уверам дека мојот личен преставник г-динот Метју Нимиц ќе продолжи да работи со вас и вашата Влада да се олесни пронаоѓањето на решение за спорот за прашањето за името кое го имате со Грција. Ве молам примете го екселенцијо уверувањето за моето највисоко почитување“, порачува Бан Ки-Мун.

Премиерот на Кралството Холандија, Марк Рут исто така го честита реизборот на Груевски на функцијата премиер на Република Македонија и нагласува дека со нетрпение очекува да се продолжи заедничката соработка на политичко и лично ниво.

„Јас сум убеден дека дијалогот помеѓу ЕУ и Македонија ќе продолжи да зајакнува, со отворањето на нови димензии во годините што доаѓаат…. Ви посакувам многу успех во остварувањето на задачите кои ви престојат“, вели Рут.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во својата честитка вели дека е убеден дека овој резултат сведочи за успехот на работата на вашата влада досега, како и ја одразува широката поддршка и доверба во општеството.

„Ве уверувам дека Унгарија ќе продолжи и натаму да е посветена на поддршката на евроатланската интеграција на Република Македонија која ние сме подготвени да ја потпомогнеме на политичко и на ниво на експерти кои би го унапределе процесот“, стои во честитката на Орбан.

Чешкиот премиер Бохуслав Соботка во својата честитка до Груевски изразува убедување дека со неговото претходно искуство ќе придонесе за просперитетот и стабилноста на Република Македонија

„Длабоко ги почитувам врските кои стојат помеѓу нашите држави и постоењето на одлично ниво на соработка.  Кога веќе делиме многу заеднички вредности, вклучително интересот за развивањето на европските интеграции како понатамошниот развој на Северноатланска алијанса, постојат бројни области за унапредување на нашата заедничка соработка. Ваша екселенцио, ви посакувам  многу успех во вашата работа и со нетрпение очекува продолжување на заедничката соработка во иднина“, стои во честитката од Соботка.

Бројни честитки и за Иванов

Исто така честитки стигнаа и за изборот на Ѓорге Иванов за претседател од влијателни светски политчари како Владимир Путин, Жозе Мануел Баросо, Јоахим Гаук.

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин во честитката до Иванов вели дека резултатите од гласањето потврдуваат негов голем политички авторитет и доверба на граѓаните.

-Вие давате значаен придонес за зацврстување на пријателските односи и за заемно корисната соработка меѓу Русија и Македонија, стои во писмото упатено од претседателот Путин.

Честитки до претседателот Иванов упати и претседателот на Сојузна Република ГерманијаЈоахим Гаук.

-Цврсто сум убеден дека патот кон правната држава внатре во земјата и балансираниот однос кон соседните земји е единствениот  правилен пат, кој на Вашата земја и овозможува добра иднина во кругот на европските народи. Германија и понатаму ќе ве придружува на овој пат, стои во честитката од претседателот Гаук.

По повод реизборот на претседателот Иванов, писмо со честитка во име на Европската комисија и во лично име упати претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.

-Како земја – кандидат постигнавте многу на планот на интеграцијата во Европската унија. Преостануваат важни предизвици и потребно е спроведување на натамошни реформи. Од суштинско значење е градење на довербата меѓу граѓаните во демократските процеси. Добрососедските односи, вклучувајќи ги и преговорите за заеднички прифатливо решение за спорот со името, остануваат од суштинско значење.  Ви посакувам успеси како Претседател во справување со предизвиците и исполнување на европските аспирации на Вашата земја, а во интерес на сите граѓани, стои во писмото од Баросо.

Повторното преземање на функцијата Претседател од страна на претседателот Иванов го честиташе и претседателот на Република Полска, Бронислав Коморовски, кој изрази задоволство од односите меѓу двете земји.

-Би сакал да ја истакнам полската поддршка за европските и евроатлантските аспирации на Македонија. Се надевам на успешна соработка меѓу нашите држави и интензивирање на економската соработка, стои во писмото на полскиот претседател.

Искрени честитки до претседателот Иванов упати и претседателот на Република Чешка, Милош Земан, посочувајќи дека според него реизборот претставува израз на доверба која македонскиот народ ја има кон претседателот Иванов.

-Цврсто верувам дека и понатаму ќе успеваме да продолжиме со нашето традиционално пријателство и дека ние двајца од своите функции ќе придонесуваме за исполнувањето на потенцијалот на заемна соработка на нашите земји. Затоа, примете го моето уверување за постојана поддршка од Република Чешка за македонското членство во Европската Унија и Северноатланската алијанса, стои во писмото од чешкиот претседател.

Реизборот на претседателот Иванов го честиташе и претседателот на Словачката Република, Иван Гашпарович.

-Верувам дека пријателските односи меѓу Словачката Република и Република Македонија ќе продолжат да се развиваат во сите сфери од заемен интерес, стои во честитката од претседателот Гашпарович.

Писмо со честитки до претседателот Иванов упати и претседателот на Унгарија, г. Јанош Адер, во кое изразува задоволство од воспоставеното пријателство и политичките и економски односи меѓу двете земји.

-Ве уверувам дека Унгарија на меѓународните форуми и во престојните години активно и со искрено убедување ќе ги поддржува напорите на Македонија за европска интеграција и за членство во НАТО. Искрено се надевам дека пречките во поглед на вашето придружување ќе бидат надминати што е можно поскоро и вашите напори ќе доведат до успех, стои во писмото од претседателот Адер.

Претседателот на Република Литванија, г-ѓа Далија Грубаускаите во својата порака му посака на претседателот Иванов со волја и мудрост да продолжи да ги извршува одговорните должности работејќи за општото добро и безбедноста на граѓаните на Република Македонија.

-Литванија секогаш стоеше на страната на Република Македонија на патот на спроведувањето на реформите и обезбедување на мир, стабилност и просперитет за своите граѓани. Цврсто верувам дека Литванија ќе остане доследен поддржувач на вашата земја и нејзините напори за интеграција во евроатланските структури, стои во честитката од претседателот на Литванија.

Заев и СДСМ изолирани во непризнавањето на резултатите

Додека целиот свет честита  и ја признава убедливата победа, само СДСМ не ги признава изборните резултати и убедливите победи на Груевски и Иванов.

Според позициите на најголемата опозициска партија сите грешат кога ја признаваат и честитаат на новата влада која доби лигитимитет изразен со над 200 илјади гласа повеќе во однос на опозицијата и убедливата победа на претседателот Иванов пред Стево Пендаровски.

Неодржливите позиции која ги застапуваат Зоран Заев и СДСМ со непризнавањето на Владата и претседателот Иванов ги изолираат и ги прават единствени кои не ги признаваат резултатите од парламентарните и претседателските избори.