Честојнова: Шекеринска и Рашковски незаконски именуваат членови во одборите на Катастар

Продолжува безаконието на СДСМ кои се однесуваат како државата и државните институции да се нивна приватна сопственост, спроведувајќи ја стратегијата за државата да ја направат партија, а партијата држава, обвини Павлинче Честојнова од ВМРО-ДПМНЕ.

Честојнова обвини дека Владата на СДСМ со потпис на министерката за одбрана Радмила Шекеринска незаконски, кршејќи ги правните прописи на Република Македонија, именувала четворица членови на Управниот одбор на Агенцијата за Катастар на недвижности, за истиот ден со заклучок на Влада донесен од генералнот секретар Драги Рашковски да се именува уште еден Управен одбор, повторно со кршење на законот за Катастар.

„Со ова СДС создава општа и правна конфузија. СДС со своите незаконски одлуки го загрозуваат нормалното функционирање на Агенцијата за Катастар на недвижности и создаваат правни нелогичности. Граѓаните се прашуваат кои се членови на Управниот Одбор на Катастарот? Лицата што се именувани со Решение на Шекеринска или со заклучокот потпишан од Драги Рашковски бидејќи и двата се со ист датум на донесување, а со едниот не се менува другиот. Граѓаните се прашуваат уште колку дупли одлуки за менување на фукнционери има донесено Владата за кои се чуваат бројчиња во архивата на Владата и во зависност од тоа која лоби група победува во внатре партиските превирања така се менуваат и решенијата“, изјави Честојнова.

Додаде дека е скандалозно што сите четворица ново именувани членови на Управниот одбор и во решението на Шекеринска и во заклучокот на Рашковски, се вработени во приватниот сектор и немаат законски основ да бидат членови на Управниот одбор на Агенцијата за катастар, сите се именувани во спротивност со законот за Катастар, што го прави нивното именување нелегитимно.

„Со Агенцијата управува Управниот одбор кој е составен од пет члена и тоа по еден член на предлог од Министерството за правда, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, го цитираше Честојнова законот за Катастар, член 9 став 2.

Честојнова кажа Владата на СДС го прекрши законот и со тоа именува нелегитимен Управен Одбор, чии одлуки поради сопствената нелегитимност ќе бидат нелегитимни.

„Во два дена Заев, Шекеринска и Рашковски три пати го прекршиле законот. Владата на СДС врши брутална партизација на државните институции, кршејќи ги законите на државата без око да им трепне. Заради ваквата неодговорност и неспособност СДС ќе се соочи со политичка одговорност на следните локални избори и ќе биде целосно делегитимиран од страна на граѓаните“, изјави Честојнова.