Чествување на споменот на децата бегалци од Егејска Македонија

Со положување цвеќе пред споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ и  промоција на романот „Петар од Чеган“ од Јордана Тодоровска, Светскиот македонски конгрес (СМК) и Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“ денеска во Скопје го чествуваа споменот на децата бегалци и ја одбележаа 70-годишнината од почетокот на Граѓанската војна во Грција.

– Нашето чествување е сведоштво за најцрната страница во историјата на македонскиот народ од Втората светска војна во која жртви, за жал, беа децата. Во таа македонска голгота многу од нив беа убиени, по пат починати и низ целиот свет распрснати, рече претседателот на СМК Тодор Петров.

Тој нагласи дека остануваат посветени на унапредувањето на правата и положбата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија и во Грција, како и на враќањето на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци во Граѓанската војна во Грција и Балканските војни.

– Остануваме и на барањето Генералното собрание на Обединетите нации да ја продолжи започнатата, но незавршена расправа од 1948 година и да донесе резолуција за децата бегалци. Изразуваме јавна благодарност до владите на сите земји кои ги прифатија децата бегалци и до Црвениот крст за спојувањето на разделените семејства. И покрај се, предлагаме македонско-грчко помирување и договор за траен мир и добрососедство. Бараме извинување и репарации. Простуваме, но не забораваме и порачуваме – било да не се повтори, порача Петров.

Споменик деца бегалци

Ташко Јованов од „Македон“ рече дека поменот за насилно прогонетите Македонци од Егејот им е аманет и секоја година се одбележува настанот кој, како што рече, е чувствителен и за живите и за покојните.

– Не ги забораваме патиштата низ кои поминавме. Традицијата ќе ја продолжат нашите потомци каде било и да се. Сите ние бевме деца кога не откорнаа од родните огништа. Ние прогонетите по цел свет се уште копнееме по татковината, нагласи Јованов.

Наајви дека во 2018 година се очекува да се одржи петтата светска средба на децата бегалци.

Годинава токму по иницијатива на Јованов, Здружението за духовно обединување на сетинци, попадинци и крушорадци од Лерин во Македонија, Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“ и СМК, Споменикот на децата бегалци во „Жена парк“ беше реновиран и исчистен и на него е поставена мермерна спомен плоча. На плочата на македонски и англиски јазик пишува „28.000 деца, најмногу Македонци од Егејскиот дел на Македонија насилно беа прогонети за време на Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година. Останаа трајно раселени во источноевропските и прекуокеанските земји далеку од своите родни огништа.  Овој споменик е вечен паметник за геноцидот врз нив, нивниот егзодус и голгота.“

Роман Петар од Чеган

На егзодусот на Македонците од Егејска Македонија е посветен и романот „Петар од Чеган“ од авторката Јордана Тодоровска од Гевгелија. Во него е опишана семејната драма на членовите на семејството Трапунови од селото Чегран под Ниџе Планина, жртви на Граѓанската војна во Грција.

Судбината на семејството Трапунови е слична со онаа на илјадници други семејства кои биле разделени и раселени низ целиот свет. Мајката Ленче, таткото Трендо и нивните деца Александар, Ташко Милосие и Петар животот ги разединува, но еден ден ги обединува во далечната Австралија.

Мајката Ленче и децата Александар, Ташко и Милосие завршуваат преку Југославија, Романија и Русија во Австралија, таткото Трендо во Полска и Чешка, а синот Петар во Романија, а оттаму во САД за на крајот сите да се најдат во Австралија. Малиот Петар го посвојуваат Романците Сарита и Виктор и го прекрстуваат во Николај, но стануваат жртви на режимот и трагично го завршуваат животот по што тој оди во САД.

Романот на Тодоровска е продолжение на нејзиното прво дело „Кој сум јас“, издаден во 2011 година, во кој е опишано истото семејство и нивниот прогон и егзодус од родното место.