Четири џамии на Косово не се под контрола на ИЗК

Четири џамии на Косово не се под контрола на Исламската заедница на Косово (ИЗК), од кои две сега се затворени, објави приштинскиот весник „Коха диторе“.

Од ИЗК велат дека би требало овие џамии да бидат затворени бидејќи немаат никакви информации за активностите во нив, ниту за тоа кој раководи со нив и со што се занимаваат.

Секретарот на ИЗК, Решул Реџепи изјави дека има информации дека во Косово постојат четири места за молитва така наречени џамии, од кои две се во функција и се наоѓаат во Драгаш. Другите две се затворени, едната е во Дечани, а другата во Приштина и таа е затворена на првиот ден од акцијата во која се упасени 40 лица осомничени дека сториле кривично дело поврзано за тероризам.

Реџепи посочи дека џамијата во Дечани е затворена пред една година.

Тој не ја исклучува можноста дека и други објекти кои не се под контрола на ИЗК да бидат затворени.