Четири години затвор за велешанецот кој силуваше малолетничка

Велешанецот Беадин Демири (37) доби четири години затвор за силување на 17- годишна девојка. Демири беше прогласен за виновен во Основниот суд во Велес , една година по делото кое го сторил на 17 февруари минатата година, пренесе Канал 5.

Според обвинението, Демири, кој се познавал со девојката, по завршувањето на часовите со автомобил пристигнал пред училиштето на средношколката, со намера да ја однесе кај нивни заеднички познаници.

Но место кај пријателите, тој со автомобилот ја довел до мотелот во Лозово. Во изнајмена соба се обидел да има однос со неа, средношколката жестоко се спротивставила , по што Демири со ременот од панталоните почнал да ја тепа. Откако ја претепал, ја силувал.

По гнасниот чин, Демири му се заканил на девојчето дека ако каже некому, ќе плати со глава. Но и покрај сериозните закани, девојката собрала сили и пријавила во полиција. На судењето психијатарите посведочиле дека девојката, по силувањето, доживеала тешка траума, пренесе Канал 5.

Демири пред судот тврдел дека не ја силувал познајничката. Како што објаснија во судот, за ова дело предвидена е казна од 3 до 5 години, а судијата одлучил да му даде 4 години затвор. Пресудата не е правосилна, а одбраната најави жалба.

фото: akademik.mk