Четири гола на Роналдо, Барса се оддалечува и од Атлетико

Во последниот натпревар од 29-то коло на шпанското фудбалско првенство, актуелниот шампион Реал Мадрид на домашен терен ја победи Гирона со 6:3, со 50-от хет-трик во кариерата на Кристијано Роналдо.

Португалецот беше стрелец на четири голови, во 11-та, 47-та, 64-та и во втората минута од судиското продолжение, а по еден додадоа Лукас Васкез во 59 и Герет Бејл во 86 минута. За Гирона, која сезонава е високопласирана на 7-то место со 43 бодови, стрелци беа Кристијан Стуани во 29 и 67-та и Јуанпе во 88 минута.

Барселона на својот „Камп Ноу“ претходно во неделата го одработи мечот со Атлетик Билбао кого го доби со 2:0, со головите на Пако Алкасер во 8 и Лионел Меси во 30 минута.  Атлетик така остана на 13-то место на табелата со 35 бодови.

Виљареал во дербито со пресврт пред своите навивачи со 2:1 го совлада Атлетико Мадрид, благодарејќи на младиот турски напаѓач Енис Унали, кој влезе во 74 минута. Атлетико поведе во 20 минута преку контроверзен пенал кој го реализираше Антоан Гризман. Но во завршницата токму откако Гризман беше повлечен од игра, Унали го донесе пресвртот со головите во 82 минута, и во првите секунди од судиското продолжение.

Во првиот меч од неделната програма Леганес ја изненади Севилја со 2:1. Погодоците за домашните кои сега се на 12-то место со 36 бодови ги постигнаа Бустинца во 41 и Ерасо во 69 минута, додека гостите намалија преку Лајун во 90 минута и паднаа на шестата позиција на табелата со 45 бодови, два помалку од петтата Виљареал.

Селта Виго и Малага одиграа без голово. Селта е 10-та со 39 бодови, додека Малага е речиси отпишана, 20-та е со само 14 бодови.

На врвот е Барселона со 75 бодови, сега 11 повеќе од второпласираниот Атлетико Мадрид и дури 15 од најголемиот ривал Реал Мадрид (60). Валенсија со 59 бодови е на четвртата позиција.