Четири гранкови синдикати исклучени од ССМ

Четири гранкови синдикати од Сојузот на синдикати на Македонија се исклучени од членство на вчерашната седница на Советот на ССМ.

За четирите синдикати, одлуката е нестатутарна бидејќи на седницата присуствувале 21 советник, а за неа гласале 15 од вкупно 52, а за претседателот на ССМ Живко Митревски, се е согласно Статутот и одлуката е донесена со мнозинство гласови.

В.д. претседателот на ССМ, Дарко Димовски од Синдикатот на СУТКОЗ денеска изјави дека седницата е нестатутарна бидејќи од 52 члена на седницата требало да присуствуваат 26 члена.

– На седницата се појавиле 21 член од кој за наше отповикување гласале 15 члена, 6 биле воздржани и еден против, изјави Димовски.

четири синдикати

Од овие четири синдикати посочуваат дека им е забранет влез во зградата на ССМ иако ги имаат подмирено сите обврски кон Синдикатот. Велат дека редовно ја плаќаат и чланарината во ССМ.

Тие ги повикаа претседателите на 13-те гранкови синдикати, за кои Митревски тврди дека има поддршка, јавно да кажат зошто го поддржуваат.

–  Ако некој од тие синдикати го поддржуваат, бараме јавно да излезе и да каже зошто го поддржува Живко Митревски. Ова е борба за опстанок на синдикатот, рече Пецо Грујовски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.

Од друга страна денеска на прес-конференција претседателот на ССМ Митревски рече дека одлуката за исклучување на овие четири синдикати е донесена согласно Статутот и со мнозинство гласови.

Четирите синдикати, како што посочи Митревски, се исклучени од ССМ поради, како што рече, фалсификување документи, злоупотреба на службена должност, кршење на Статутот и неисплаќање на членарината кон ССМ.

живко митревски

– Со ваквите дејствија оваа група не само што предизвикала оштетувања во финансиското работење на ССМ, туку истовремено не ги информирале ниту своето членство зошто таа членарина не ја пратиле и за кави цели ја трошеле, рече Митревски.

Тој додаде дека со одлуката за исклучување не им престанува обврската на четирите синдикати да ги подмират обврските кон ССМ и оти не може да ги користат досегашните простории на ССМ.

Превирањата во ССМ траат веќе извесен период. Едните тврдат дека Митревски е разрешен и оти на негово место е именуван Дарко Димовски, додека Митревски ваквиот обид го оквалификува како насилен обид да се изврши смена на раководството на ССМ.