Македонија

Четири луксузни хотели ќе се градат на брегот на Охридското езеро

Четири луксузни хотели ќе се градат на брегот на Охридското езеро

На брегот од Охридското езеро ќе се градат четири луксузни хотели кои се дел од инвестицискиот бум што се случува во Охрид во рамки на хотелскиот бизнис.

Брендот „Small luxury hotels“ веќе е дел од Охрид.На јужната страна од брдото кај „Инекс Горица“ Дивелоп Груп“ ги започна активностите за изградба на луксузниот хотел кој ќе биде алка од овој ланец на 520 хотели кои ги има во преку 70 земји на сите континенти. Објектот ќе биде на површина од околу седум илјади метри квадратни со 100 соби или од прилика со 200 легла.

Кај каналот Студенчишта компанијата Фибула Ер Травел ќе гради луксузен хотел. Во негова близина веќе е започната градба на уште еден хотел најверојатно со четири ѕвездички.

„Во тек е процедурата за издавање на одобрение за градба на уште една инвестиција во близина на центарот на градот односно кај каналот Студенчишта. Станува збор за компанијата Фибула Ер Травел кои имаат сериозни намери да изградат хотел од висока категорија кој што ќе биде со голем капацитет и со површина од прилика околу 25 000 метри квадратни и 400 соби, односно околу 1 000 легла. Во негова близина веќе започна со градба уште еден хотел на истата локација и според најавите на инвеститорот ќе биде од висока класа најверојатно со четири ѕвездички, обелодени градоначалникот на Охрид,“ Никола Бакрачески.

Руси се заинтересирани поранешната детска болница во месноста „Свети Стефан” на самиот брег на езерото да ја претворат во современ хотел.

„Веќе е објавен тендер за продажба на земјиштето кај поранешната детска болница чија намена ќе биде градба на луксузен хотел. Тоа се значи четири инвестиции во делот на туризмот кои ќе значат силен импулс за развој не само на туризмот туку и локалната економија,“ истакна градоначалникот Бакрачески.

Со сите овие инвестиции Охрид конечно ќе најде сигурно место на светската туристичка мапа и ќе одговори на барањата и потребите на најпребирливите гости.