Четиринаесет повредени во 20 сообраќајки во Скопје

Во текот на изминатите три дена на подрачјето на СВР Скопје случени се 20 сообраќајни незгоди, од кои во една тешко е повреден пешак, во шест со полесни повреди се здобиле 13 лица, а 13 сообраќајки поминале само со материјална штета.

Како што информира МВР, во петокот Сообраќајната полиција извршила увид на осум сообраќајни незгоди, од кои во три полесно се повредени четири лица, а пет поминале само со материјална штета.

Во саботата извршен е увид во осум сообраќајни незгоди. Во една од нив еден пешак е потешко повреден, а во две со полесни повреди се здобиле седум лица. Во пет е причинета материјална штета.

Вчера во Скопје е извршен увид на четири сообраќајки, од кои во една полесно се повредени две лица, а три сообраќајки минале со материјална штета.

Викендов полицијата откри и санкционира 24 возачи кои не ги почитувале ограничувањата на движење на возилата, 23 возачи што го управувале возилото под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, 11 возачи кои поминале на црвено светло, како и 65 возачи што го управувале возилото без возачка дозвола или нерегистрирано. Санкционирани се и 12 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин, односно поминале на црвено светло на семафор. Биле затекнати и 134 непрописно паркирани возила.

Со помош на специјалното возило „пајак“, отстранети се 148 возила.