Четворица повредени во сообраќајка меѓу цистерна и автомобил

Во сообраќајката која се случи во близина на Цементарница Усје, цистерна удрила во патнички автомобил, во кој се возеле петмина.

До несреќата дошло кога возачот на цистерната која се движела по булеварот „Србија“ во правец кон населбата Аеродром од непознати причини решил да се врати назад и почнал да врти полукружно, со што влегол во спротивната лента на движење.

Цистерната удрила во патнички автомобил марка „лада самара“ со кумановски регистарски таблички и го туркала сѐ до тротоарот на спротивната страна.

Во автомобилот имало пет лица, од кои четворица биле повредени и со амбулантно возило се пренесени во клиничкиот центар.

Сообраќајот на местото на сообраќајката е во застој, блокирани се сите три ленти кои водат од населба Аеродром кон цементарницата, а возилата се принудени да ја заобиколуваат сообраќајката преку тротоарот.

Полиција направи увид на лице место, а детали за сообрајќајката најавија за подоцна, затоа што сѐ уште се работи на расветлување на случајот.