Четворица руски војници убиени при напад на терористи во Сирија

Четворица руски војници загинаа, а други тројца се ранети во напад на сириски бунтовнички борци во провинцијата Деир-ез-Зор во источниот дел на Сирија, соопшти во неделанта Министерството за одбрана на Русија.

Во соопштението се посочува дека руските војници загинале кога во текот на минатата ноќ „неколку мобилни групи на терористите извршиле напад врз артилериска батерија на сириските владини сили“.

Двајца воени советници кои го надзирале огнот од сириска артилериска батерија во областа загинале на самото место, додека уште петмина биле ранети и хоспитализирани. Лекарите не успеале да спасат двајца од нив, се наведува во соопштението.

Русија во Сирија се бори на страната на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Сириските сунитски опозициски и исламистички групи сè уште контролираат делови од северозападна и југозападна Сирија, додека сојузот предводен од Курдите, поддржани од САД, го држат најголемиот дел од североисточниот дел, каде што против нив воена операција спроведува Турција.