Четворица Шпанци хоспитализирани, можно е да се заразени со ебола

Здравствените власти во Мадрид соопштија дека четворица луѓе се наоѓаат во болница поради сомневање дека се заразени со вирусот на еболата.

Ова се случува еден ден откако медицинската сестра што лечела двајца пациенти од ебола почна да покажува симптоми на болеста и беше изолирана.

Заразената сестра влегла кај болните двапати, и двата пати била облечена во заштитна опрема, меѓутоа опремата не била соодветна за заштита од ебола.

Медицинската сестра (44) сега се лечи со користење на антителата од оние што претходно беа инфицирани со вирусот, пренесува Ројтерс.

Хоспитализирани се и сопругот на медицинската сестра, уште еден здравствен работник, како и патник што бил во една од погодените западноафрикански земји.

Околу 22 луѓе со кои контактирала жената, која сега често се нарекува „шпанската ебола-сестра“, се идентификувани и се следат, рекле здравствените работници во Мадрид.