Четврта средба на Министрите за правда, внатрешни работи и партнерите

“Борбата против тероризмот е предизвик пред кој е исправена целата светска јавност, поради што и во изминатиов период беа организирани значителен број на Самити, Конференции и Министерски средби кои имаа за цел заедничко организирање на безбедносните служби во справувањето со тероризмот, радикалниот ислам и џихадизмот, односно справувањето со таканаречените странски борци.”

Ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во своето обраќање на четвртата неформална средба на Министрите за правда и внатрешни работи и партнерите на Брдо процесот и Процесот за соработка во ЈИЕ.

Во своето излагање во рамки на втората сесија посветена на “Борбата против тероризмот-странски борци и спречување на радикализацијата и илегална трговија со оружје, муниција и експлозиви“ министерката Јанкулоска посочи и дека со цел навремен одговор на овој предизвик, а пред се и соодветно превенирање на истиот, Република Македонија презеде неколку важни мерки.

“Изменет е Кривичниот законик каде се додадени нови членови со кои се санкционира регрутација, обука, финансирање и учеството на лица во воени конфликти надвор од државата, односно во странски паравојски и терористички организации, а донесен е и нов Закон за кривична постапка кој ја олесни примената на современите истражни техники преку кои поефикасно се откриваат и се гонат сторителите на овие и слични кривични дела.”

Како што информираше Јанкулоска во однос на недозволената трговија со оружје  по Министерскиот Форум на ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа во Будва во 2013 година и на кој беше донесена одлука за воспоставување на Регионална мрежа на експерти вклучени во борбата против илегалната трговија со оружје, истата е при крај на нејзиното формирање.

 

“Имено, како иницијатор на оваа идеја, Република Македонија заедно со другите држави од регионот, но и со силна поддршка од страна на Мрежата на европски експерти за оружје – ЕФЕ, пристапи кон реализација на идејата за воспоставување на Експертска група за мерки против недозволена трговија со оружје во  Југоисточна Европа. Во таа насока целосно е усогласен Меморандумот за соработка за воспоставување на Експертската група во која членови ќе бидат претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија и Србија.”