Магазин

„Четврток“ на фестивал во Драма

„Четврток“ на фестивал во Драма

Краткометражниот филм „Четврток“ на Милчо Манчевски ќе учествува на 37. издание на Меѓународниот фестивал за краткометражни филмови во Драма, Грција на 19-ти септември. „Четврток“ ќе биде прикажан заедно со краткометражни филмови од 47 држави во светот.Овогодинешното издание на фестивалот е посветено на прашањата за насилство и трговија на деца, грижите кои произлегуваат од современата општествена реалност и економска несигурност.

„Четврток“ кој беше снимен во Њујорк во 2013 година, премиерно беше прикажан на отварањето на Венецискиот Филмски Фестивал на 28-ми август, 2013, како дел од програмата “Venice 70 – Future Reloaded”, каде што 70 реномирани режисери беа поканети од самиот фестивал да изработат краткометражни филмови со кои се одбележа 70-тото издание на фестивалот.

„Четврток“ исто така освои награда во финалето на филмскиот фестивал USA во Далас, Тексас. Филмот досега е прикажан на меѓународниот филмски фестивал во Сао Пауло, Бразил, на RAI Movie, канал на италијанската национална телевизија, на фестивалот во Сиракјуз, Њујорк, на Interfilm во Берлин, во кино-салите во Германија, на „Листапад“ меѓународниот филмски фестивал во Минск, и др.

Во Македонија премиерно беше прикажан на свечената вечер посветена на творештвото на Милчо Манчевски, која лани вo декември ја организираше Турскиот културен центар Јонуз Имре.Продуценти на „Четврток“ се Арон Левин и Џералд Херман, кинематографер е Уна Ли, монтажер Питер Мостерт, а композитор на музиката Игор Василев Новоградска. Во главната улога настапува актерката Лора Ласи.