Свет

Чиле: 23 лица загинаа, 57 исчезнати во поплави

Чиле: 23 лица загинаа, 57 исчезнати во поплави

Најмалку 23 лица загинаа, а 57 се водат како исчезнати во поплавите, кои по поројните дождови го погодија северниот пустински дел на Чиле, соопштија денеска чилеанските власти, пренесува МИА.

– Дваесет и три лица загинаа, а 57 се водат како исчезнати, додека 22.381 лице мораа да ги напуштат своите домови, од кои 4.095 се наоѓаат во привремени засолништа, изјави директорот на Националната канцеларија на вонредни ситуации Рикардо Торо.

Портпаролот на претседателот на Чиле, Мишел Башеле изјави претходно дека Владата ќе издвои речиси десет милиони долари за областите погодени од поплавите, додека заменик-министерот за внатрешни работи Махмуд Алеуј изјави дека ова се „најлошите врнежи, ки го погодиле северниот дел на земјата во изминатите 80 години“.

По невремето, проследено со поројни дождови, кое минатата недела предизвика поплави во пустината Атакам, инаку најсувата пустина во светот, локалните жители и натаму се обидуваат да ги ископаат куќите и автомобилите од калта и повторно да ги стават патиштата во употреба.

Поплавите ги погодија градовите Копиапо, Чанаал, Тјера Амариља и Талтал, кои повеќе километри се оддалечени од чилеанската престолнина.

фото: BBC