Чиле се насади на Бразил

Домашинот на најважниот спортски настан во 2014 година, репрезентацијата на Бразил ја освои првата позиција во групата “А” откако со убедливи 4:1 ја торпедираше селекцијата на Камерун.

За противник во 1/8 финалната рунда, популарните “кариоки” го добија секогаш незгодниот тим на Чиле.
Најзаслужен за убедливиот триумф во последниот натпревар од групната фаза е Неимар кој постигна два погодока, а одличната партија со погодок ја крунисаа и Фернандињо и Фред.
Единствениот погодок за Камерун беше дело на централниот дефанзивец, Жоел Матип.
“Повеќе ги имаше тие кои мислеа дека Чиле нема да обезбеди пласман во следната рунда, но јас не сум изненаден од нивниот успех. Чиле има квалитетен тим. Кога би имал шанса да си го одберам противникот, тогаш сигурно ќе го одбегнев тимот на Чиле. Не е лесно да се игра против противник кој е од Јужна Америка. Тим составен од одлични индивидуалци, тим кој делува организирано во сите 90 минути”, изјави по натпреварот селекторот на Бразил, Луис Филипе Сколари.