Бразил2014

Чилеански тест за фаворизираниот Бразил

Чилеански тест за фаворизираниот Бразил

Денеска стартува осминафиналната рунда на Мундијалот во Бразил, а честа први да ја подигнат фудбалската завеса имаат големите ривали, репрезентациите на Бразил и Чиле.

Фудбалскиот храм во Бело Хоризонте “Минеирао”, ќе биде претесен за да ги прими сите фудбалски фанови кои сакаат во живо да го следат првиот јужноамерикански дуел во 1/8 финалната рунда.

И покрај неубедливата игра во групната фаза, домаќинот важи за благ фаворит, а сите погледи на најверните фанови ќе бидат насочени кон најголемата ѕвезда во репрезентативниот дрес на Бразил, Неимар.

Крилниот напаѓач пред натпреварот ги предупреди репрезентативните колеги дека најголема опасност пред бразилскиот гол ќе биде неговиот тимски колега, Алексис Санчез.

“Секогаш телефонски разговарам со мојот добар тимски колега, Алексис Санчез, но сега ќе бидеме лути противници, ќе играме еден против друг. Алекс е фудбалска ѕвезда и јас многу го почитувам. Станува збор за фантатсичен фудбалер и ние мора да бидеме екстра внимателни, мора да му посветиме екстра внимание. Алекс не смее да добие никаков простор за игра. Веднаш ќе ја казни секоја наша грешка. Тука ја гледам најголемата опасност кон нашиот гол”, изјави пред натпреварот најголемата ѕвезда во дресот на Бразил, Неимар.