Чилиманов: СДСМ ѝ направи лоша услуга на Македонија со вмешувањето на САД и ЕУ во политичките прашања

Едноставно, светот веќе не може да поднесе натамошно спроведување на идеите на луѓе како Сорос во економијата, општеството, социјалните теми, културата, дури ни на краток рок, и секое давање власт на негова опција потоа служи како неисцрпен пример зошто веќе никогаш не треба да им се даде власт. Но, сепак, последиците од ваков експеримент би биле, навистина, премногу сериозни за кревка држава како Македонија за да можеме да си го дозволиме, вели во интервју за неделникот Република новинарот Цветин Чилиманов.

Многумина иднината на Македонија и на регионот ја поврзуваат со политиката и со позициите на големите сили, пред сѐ, САД, ЕУ, Германија, Франција, донекаде и Русија. Како ќе се одрази на светот „дип стејт“ во САД? Очигледно е дека Трамп се соочува со сериозен противник, кој може да му ги помати визиите и политиката. Ќе настрада ли меѓународната заедница од внатрешните битки во САД?

ЧИЛИМАНОВ: Пред сѐ, можеме да кажеме дека со изборот на Доналд Трамп, Македонија и Балканот се спасија од една катастрофална разврска. Гледаме од постапките на СДСМ во Македонија со тиранската платформа, од изјавите на Еди Рама во Албанија, кумановскиот напад. Сето тоа води кон опасно потпалување на албанскиот национализам, чијашто реторика овие денови со ништо не се разликува од реториката на Милошевиќ од почетокот на 90-тите години. Да победеше Хилари Клинтон, да го добиевме Џон Подеста за државен секретар, ние денес, сигурно, ќе имавме многу поголема етничка криза во Македонија, а веројатно и во целиот регион.

Изборот на Трамп, од друга страна, е равенка со поголем број непознати. Се работи за човек што ако досега имал некаква политичка ориентација, таа била спротивна на ориентацијата на партијата преку која беше избран за претседател. Јасно е дека нема никакво искуство или контакти во водењето на државната администрација и е во отворена војна не само со Демократската партија и со поголемиот број медиуми во САД што ѝ се наклонети, туку и со бирократскиот апарат во САД, дел од разузнавачките служби, но и со добар дел од неговите – со луѓе од Републиканската партија – кои го третираат како натрапник. Сведоци сме и дека Трамп е подготвен во целост да се откаже од директни ветувања, кои ги даде во текот на кампањата, и тоа без око да му трепне. Доколку неговата гласачка база биде изневерена, може да се очекува дека нејзината реакција на следните избори ќе биде страшна – Американците не се познати по потпаѓањето во апатија – може да се случи да бидат избрани политичари во споредба со кои Трамп ќе биде прибран и умерен човек.

Но, да се вратиме назад на наш терен, досега е јасно дека поради отсуството на сојузници во бирократскиот систем на САД и отворената војна со партизираниот државен апарат, вклучително и во Стејт департментот и во УСАИД, Трамп досега не направи некој кадровски чекор во дипломатската служба, која, буквално, стои со стотици празни функции и е оставена без никакви директни инструкции од Белата куќа. Гледаме дека некои од дипломатите продолжуваат да си тераат своја политика, веројатно надевајќи се дека Белата куќа нема да го забележи тоа, или дека е презафатена за да се занимава со Македонија, Албанија, Унгарија, Кенија, Колумбија и со сите други држави од кои деновиве доаѓаат фрапантни информации за тоа како партиски и политички се злоупотребувала дипломатската служба на САД во времето на Обама. Сметам дека оваа ситуација не може да потрае долго и дека најдоцна до есента ќе имаме многу појасна слика за тоа кои се политичките инструкции што ќе доаѓаат од Вашингтон. Ова е особено важно ако знаеме дека албанскиот политички фактор во Македонија, буквално, е неспособен самостојно да донесе одлука и му е неопходно да му се каже што да прави. Блефовите на СДСМ дека Бејли или Марк Тонер зборуваат во име на Трамп, очигледно, не поминуваат и ова е еден период во кој сите сме во позиција на исчекување да се искристализираат односите во САД, односите на САД со Европската унија, НАТО и со Русија, а потоа и ние да се приспособиме.

Ти си дел од СОС. Од тој аспект, колку сметаш дека системот изграден од Сорос има сила да продолжи со своите активности во Македонија и во регионот, откако меѓународната јавност стана свесна за неговите активности во правец на „отворено општество“ во кое, на пример, сите бегалци од Азија и од Блискиот Исток и од Африка можат да дојдат во Европа?

ЧИЛИМАНОВ: Во текот на работата на „Стоп операција Сорос“, како и на претходната истражувачка работа за документарниот филм „Светот по Сорос“, повеќе пати и самиот се фрапирав од тоа до кое ниво е радикализирана неговата струја на левичарската идеја и тоа колку упорно и фанатично ја спроведува својата политика, дури и кога оди директно на штета на преостанатите левичарски политички партии во западниот свет. Имав можност да слушнам директно од Соња Лихт, поранешна долгогодишна директорка на фондацијата на Сорос во Србија, дека на светот му е потребна глобална влада, која ќе врши прераспределба на ресурсите од побогатите држави кон посиромашните (претпоставувам таа влада ќе биде водена од одобрените активисти на НВО). Имав можност да видам копирани, клонирани ликови, препознатливи од политичките проекти на Сорос во Македонија, како дејствуваат во Србија, Унгарија, Хрватска… Разговаравме со улични активисти против планот за развој на Белград, кои настапуваат со идентична, клонирана реторика како демонстрантите против „Скопје 2014“. Неодамнешните протести во полскиот Сејм беа идентични на обидот на СДСМ и на Сорос за упад во Собранието на Македонија во 2012 година. Во Унгарија организираат протести против споменик за кој тврдат дека ширел унгарски национализам, кои се слични на протестите во Скопје. Да не зборуваме за извештаите за слобода на медиуми и на судство, повеќе европски држави што не се по волја на организациите финансирани од Сорос и од администрацијата на Обама, како што се „Фридом хаус“ и „Хјуман рајтс воч“. Овие извештаи се, буквално, препишуваат еден од друг, а само се менува името на државата. Во нив нема забелешки за физичките напади и за заканите врз десноориентираните новинари, но во детали се опишува секој остар коментар што некој го напишал на страниците на „Фејсбук“ на левите новинари. Според овие извештаи, функционално неписмената Катица Јанева е врвен обвинител, но остатокот од судството не чинело.

Во моментов сме сведоци на глобална кампања на медиумите, невладините организации, владите и на меѓународните институции, кои ги води Сорос или врз кои има влијание, да се воведат целосни ограничувања на слободата на говор, со формирање тела што ќе решаваат што е факт, а што не, и кои ќе можат да забрануваат профили на „Фејсбук“ и на „Твитер“, кои не им се по волја. Значи, тоталитарниот карактер на оваа форма на левицата, просто, извира од секоја нивна идеја, постапка и проект.

Но, сигурно, најзабеганиот проект им е бегалската криза. Денес, буквално, имаме ситуација во која за да прошверцуваш група од 200 до 500 емигранти во Италија доволно е да отпловиш од некое либиско пристаниште со каков-таков брод и по неколку километри да пратиш сигнал дека си во неволја за да дојде брод на некоја од неколкуте невладини организации, делумно финансирани од Сорос, а делумно од меѓународни организации, кои ги собираат емигрантите и ги носат до Италија. Мапата на овие таканаречени „спасувања“ на отворено море покажува дека огромен број од бродовите се „спасени“ непосредно на брегот на Либија, но мигрантите не се враќаат во Либија, за која се смета дека не е безбедна, туку се носат во Италија, а оттаму, се знае, го фаќаат патот до Германија, Шведска, Холандија или Британија. Се работи, пред сѐ, за целосна измама, за голем бизнис, но и за сериозен проект за демографска трансформација на Европа. Нашето претходно искуство, со војната во Косово, нѐ учи дека најхуман пристап е бегалците да се сместат во најблиската безбедна земја во соседството, тоа беа Македонија и Албанија, и потоа да се вратат во своите домови, штом ќе запре војната. Тоа, меѓу другото, се прави и за да не се награди армијата што ги избркала од нивните домови, бидејќи ако ти си диктатор на некоја земја и можеш етнички да исчистиш една група, а потоа таа без проблем комплет да биде примена во Германија, со тоа се охрабрува некој друг диктатор да го направи истото. Доколку стане јасно дека враќањето на бегалците во Сирија на Асад е невозможна мисија, здравиот разум сугерира дека најкоректно е да се изврши притисок тие да бидат примени во некоја од фантастично богатите арапски држави каде што ќе бидат згрижени во сродна културолошка средина. Но, левицата предводена од Сорос промовира една приказна дека САД и Европа имаат долг да ги примат овие луѓе, и тоа во неограничени количества. САД, се разбира, на ова реагираа со изборот на Трамп, кој одбива да прими бегалци, но сведоци сме дека во Европа, социјалистичките држави и Германија под Меркел инсистираа на отворени граници (сетете се на солзите на шведската министерка кога најавуваше дека, сепак, ќе мора да се затвори границата). Ова барање има некоја политичка логика за левицата – таа смета дека овие емигранти набргу ќе станат државјани, а потоа и верни левичарски гласачи, во согласност со коментарот на Брехт дека, можеби, е време Владата да си избере (увезе?) нов народ. Но, засега, политичката реакција на емигрантската криза, која во голема мера ја поттикна и ја охрабруваше Сорос, во поголемиот број држави во Европа и во САД, е граѓаните да се определат да гласаат за националистички партии, само за да се спасат од налудничавите идеи на левицата. Извесно е дека Британија ќе останеше членка на ЕУ да не беше изложена на секојдневни снимки од отворените, распарталени европски граници и на сега веќе секојдневните терористички напади. Значи, соочени сме со крајно радикална, фанатизирана политичка опција, која притоа е и автодеструктивна, се уништува самата себеси, бидејќи последиците на спроведувањето на нејзината политика се толку тешки и доаѓаат толку бргу, што политичката казна е брза и целосна и левичарските партии што ги следат идеите на Сорос забрзано губат на изборите. Не некој начин, јас дури и би сакал да видам што ќе се случи ако во Македонија се формира влада што ќе биде лојална на Сорос. Доколку таквата влада доследно го слуша својот политички шеф и ја отвори границата, што, очигледно, е фикс-идеја на Џорџ Сорос, последиците за кусо време ќе бидат толку катастрофални, не толку за нас колку за политичката слика на Европа, што може да се случи во следните два-триесет години никому да не му текне да им дозволи на левичарите да дојдат до власт кај нас. Едноставно, светот веќе не може да поднесе натамошно спроведување на идеите на луѓе како Сорос, во економијата, општеството, социјалните теми, културата, дури ни на краток рок, и секое давање власт на негова опција потоа служи како неисцрпен пример и потсетник зошто веќе никогаш не треба да им се даде власт. Но, сепак, последиците од ваков експеримент би биле, навистина, премногу сериозни за кревка држава како Македонија за да можеме да си го дозволиме. Затоа и работиме, преку СОС., преку сите средства што ни се на располагање, да ја информираме како македонската, така и меѓународната јавност за злоупотребите што се вршеа тука во време на администрацијата на Обама и кои сѐ уште се вршат од страна на повеќе европски држави, за манипулациите со парите за „демократски развој“ и за градење „граѓанско општество“, а кои, всушност, отидоа за водење насилни протести и за зомбифицирање на една идејно мртва опција како што е СДСМ, и за опасностите што оваа опција ги носи на меѓуетнички план, на планот на регионалната и на европската стабилност.

Има ли шанси „чадорот“ да преживее во новите односи на силите во Европа?

ЧИЛИМАНОВ: „Чадорот“ и досега покажа голема моќ за манипулирање и за приспособување, така што и покрај сериозните удари што му се зададени во САД и во Европа, сѐ уште е далеку од откажување. Сведоци сме дека сериозни делови од американската администрација се однесуваат како Обама сѐ уште да е претседател, а Хилари државна секретарка. Но, јас сум оптимист дека, сега, кога политичарите што го сочинуваат „чадорот“ мораат да ја водат борбата на својот домашен терен, во Лондон, Вашингтон, Рим, Париз, Берлин, дека капацитетот за вршење злоупотреби во земји како Македонија им е многу помал. Тоа, секако, ни дава време да здивнеме и да се подготвиме за следните чекори, пред сѐ, со поврзување со нови потенцијални сојузници на запад, со кои би можеле во иднина поуспешно да парираме и да се спротивставуваме.

Најсилните земји-членки на ЕУ се залагаат за заедничка политика, а, во суштина, тераат своја национална и државна агенда во обид да ги заштитат своите интереси. Понекогаш дури и пратеници од иста земја имаат дијаметрално спротивни гледишта за работите овде кај нас иако се дел од големи коалиции на власт, кои треба да имаат заедничка позиција (ЦДУ и СПД). Може ли Брисел да говори со еден глас имајќи ги предвид искуствата од лани и од пред тоа?

ЧИЛИМАНОВ: Неодамна бевме сведоци на една бизарна ситуација во која Федерика Могерини, која номинално е шеф на дипломатската и на безбедносната служба на Европската унија и би требало да зборува во името на целата ЕУ, му упати директно барање на претседателот Иванов да му даде мандат на Зоран Заев и притоа најави дека за ова нејзино барање ќе расправала пред министрите за надворешни работи на ЕУ в понеделник, а пред целиот Европски совет, значи премиерите и претседателите на ЕУ, в четврток. Иванов ладно ја одби. Помина понеделникот, и немаше никаква реакција од Брисел, никаква информација, некој министер да ѝ се придружи на Могерини, ништо такво. Помина и фамозниот четврток, пак ништо. Поминаа повеќе понеделници и четвртоци оттогаш и повторно ништо. Во Македонија потоа дојде и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, од десноориентирана полска партија, кој не го повтори барањето на Могерини. Напротив, рече дека македонските партии треба самите да се договорат што и како ќе прават понатаму. Тоа јасно покажува дека Европа не зборува со еден глас. Социјалистичките политичари, а Могерини е една од нив, доаѓајќи од социјалистичката партија на Матео Ренци, која е клучен дел од „чадорот“ на Заев, си навиваат за својата сестринска партија и се обидуваат да ѝ помогнат на секој чекор. Притоа гледаме дека слични барања како тие на СДСМ, за формирање техничка Влада пред избори, не поминуваат кога ќе ги постави десна опозициска партија како што е албанската Демократска партија, а кога отстапката значи оставка на социјалистички премиер како што е Еди Рама, тогаш европската дипломатска служба не е загрижена за маните во албанската демократија. Социјалистичките партии историски имаат интернационалистички карактер и меѓусебно си помагаат на ваков начин. Од друга страна, десните партии ја немаат таа традиција на заемно помагање и соработка за да ги донесат своите сестрински партии на власт. Гледаме дека СДСМ соработува со социјалистичката партија на Албанија, со Рама, или, пак, со сродните партии во Грција и во Бугарија, додека такво ниво на соработка меѓу десните партии во регионот е незамисливо, не само за Македонија. Напротив, десните често знаат да потпаднат под вештите подметнувања од страна на левицата, која сега води кампања преку која инсистира европските десничари да се откажат од, на пример, унгарската десница Фидеш и од Виктор Орбан, а притоа нема такви повици за слични леви политичари како што е словачкиот Роберто Фицо, кој, исто така, одбива да прими бегалци и дава изјави дека исламот нема што да бара во Словачка. Значи, европските политичари брутално и вулгарно ги политизираат инструментите на ЕУ за да ги задоволат своите тесни партиски интереси. Нам, како жртви на грчките злоупотреби на овие институции, тоа воопшто не ни доаѓа како некое изненадување. Но, неопходно е да се повторува одново и одново: единствената поддршка што ја добива СДСМ доаѓа од социјалистички политичари, кои во моментов ја водат европската дипломатска служба, германското МНР и уште кусо време холандското МНР. Од другите политички струи во Европа доаѓа или блага поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, или сме целосно игнорирани како прашање што не е интересно и не претставува никаков проблем. Оттаму, не гледам дека сојузниците на СДСМ ќе бидат доволно силни за да испровоцираат санкции за одделни политичари во Македонија, особено не откако веќе не можат да сметаат за поддршката на САД.

Кери пред две години изјави дека Македонија и неколку други земји во регионот се на линија на огнот меѓу САД и Русија. За неколку месеци почнаа сериозни кризи во дел од овие земји. Колку судирот меѓу Вашингтон и Москва може да предизвика нов хаос во регионот?

ЧИЛИМАНОВ: Во моментов е јасно дека Русија внимателно ја набљудува состојбата во регионот, свесна е дека за дестабилизирачките процеси што се одвиваа во Босна, Македонија и во Србија во целост е виновен западот (самата Русија беше активна во протестите во Црна Гора и во Бугарија) и дека поради кусогледоста, партизираноста и дволичноста на западните земји, неочекувано се остава простор за засилено руско влијание. Особено по руските воени успеси на Блискиот Исток, оваа земја се претставува како сојузник на кој може да му се верува, кој не ги напушта своите пријатели во неволја, и кој може да обезбеди сериозни безбедносни гаранции. Оваа опција не е посакувана за Македонија и сметам дека, сѐ додека постои надеж да добиеме правичен, фер и коректен однос од западните земји, пред сѐ од САД, треба да останеме приврзани на нашата прозападна ориентација. На САД нема да им заборавиме или простиме за отворената вмешаноста во дестабилизирањето на Македонија во изминатите неколку години. Но, сепак, колку што имаме непријатели во Вашингтон, во администрацијата на Обама, толку имаме и пријатели на кои очекувам дека во иднина ќе можеме сѐ повеќе да сметаме. Притоа, не смееме да заборавиме дека Русија, во обидите да изврши влијание врз Европа, не игра само со десните опции, туку еднакво силно ги култивира врските и со левите политички партии, што е и историски нормално, имајќи го предвид влијанието на некогашниот СССР. Оттаму, многу значајни ќе бидат изборите во Германија, каде што сега постои реална можност Меркел да победи на изборите, но да не може да формира влада, и таа чест да ѝ припадне на лева коалиција во која влегуваат повеќе руски клиент-партии. Лидерот на германските социјалдемократи Мартин Шулц, кој е нивни кандидат за премиер, отворено го одби барањето на Трамп Германија да почне да троши за одбрана толку колку што ѝ прилега на најголемата европска економија и членка на НАТО, а негови потенцијални политички партнери се партијата Линке, која е, всушност, наследник на Штази и на германските зелени, кои, исто така, имаат длабоки руски врски. Може да се случи токму сојузниците на СДСМ во Германија да дојдат на власт, но со една многу поинаква геополитичка ориентација и, конечно, да ставиме крај на оваа историска гротеска што ја имаме во Македонија при што левата политичка опција, поранешните комунисти инспирирани од Советскиот Сојуз, кои пееја песни дека Америка и Англија ќе бидат пролетерски земји, да ни се претставуваат дека се божем прозападната опција во земјава, а десницата, партијата основана од Драган Богдановски, да се прогласува за антизападна.

Москва не се откажува од „Турски тек“ што многумина го сметаат за причина за кумановските настани. Официјалниот став на Брисел е против сите нафтени и гасни јазли што ќе го зголемат влијанието на Русија и монополот на руските енергенти. Во исто време Германија дозволи изградба на „Северниот тек 2“, кој ќе значи апсолутна зависност на Европа од руските енергенти. Може ли Македонија да биде долгорочно жртва на глобалните битки за енергетски ресурси?

ЧИЛИМАНОВ: Прозападната ориентација на Македонија, исто така, значи и отвореност за слободна трговија, која е водечка западна вредност. Македонија мора да биде отворена за проекти како што се кинеските инфраструктурни инвестиции и рускиот гас, особено ако имаме предвид дека западните земји, кои со децении имаат неприкосновена контрола врз Балканот, сѐ уште со прст не мрднаа да обезбедат алтернативно енергетско снабдување на регионот (нуклеарка, ЛНГ терминал). Крајно е цинично кога американската амбасада во Скопје промовира екопроекти да се крене свеста дека воздухот во зима ни бил загаден, а во исто време ја блокира гасификацијата, која, реално, може да ни го исчисти воздухот. Доколку Западот понуди инфраструктурна и енергетска алтернатива, и тоа веднаш, одлично. Доколку не е во состојба да ја понуди, нема право да протестира ако ние самите си ја најдеме на друго место.

Очигледно е дека СДСМ не сака избори со оглед на драматичниот пад на рејтингот по прифаќање на платформата од Тирана. Кој е излезот од македонската криза? Има ли реална опасност за конфликт во Македонија?

ЧИЛИМАНОВ: Јасно е дека сме во пат позиција. На СДСМ му е јасно дека ја нема поддршката на „чадорот“ за да ја протурка тиранската платформа во Собранието. Од друга страна, сѐ уште има остатоци од „чадорот“ што го храбрат да го стори тоа, пред сѐ имајќи предвид дека СДСМ самиот се доведе во ситуација да нема каде. Или ќе надвладее, или ќе мора да одговара за сето тоа што ѝ го направи на својата земја, како политички, така и кривично. Претпоставувам дека сега, можеби, му е и криво што не ја прифати понудата за амнестија од претседателот Иванов кога можеше. Доколку продолжи со проектот на трансформација во мултиетничка партија, СДСМ може, можеби, да добие дополнителни гласови од етничките Албанци, но со сигурност ќе се соочи со раскол во партијата каде што тиранската платформа е крајно непопуларна, со фракционерство и со формирање нова лева политичка опција, особено имајќи ги предвид актуелните анкети, кои покажуваат дека продорот кон албанските гласачи СДСМ го чини повеќе, отколку што му носи нови гласови. Сегашниот собраниски состав не е репрезентативен на гласачко тело, Албанците се помалку застапени, откако самите му отстапија дел од своите гласови на Заев во замена за шарени ветувања, за кои и самиот Заев сега вели дека нема да може да ги реализира, затоа што нема да има двотретинско мнозинство. Замислете само на колку стаклени нозе би почивала евентуална Влада на СДСМ со некоја од тиранските партии – на дадено ветување дека ќе ја исполни тиранската платформа, но воедно и на надежта дека ВМРО-ДПМНЕ ќе спречи да се реализира тоа ветување! СДСМ како намерно да се обидува да потпали меѓуетнички пожар со ваквите недоносени и недоквакани политички калкулации. Навистина единствено разумно и реално решение е да се оди на нови избори, но очигледно е дека СДСМ сѐ уште не е дојден до ова сознание, и ќе биде потребно да почекаме уште малку да се свести за ситуацијата во која се наоѓа. СДСМ ѝ направи една многу лоша услуга на Македонија со тоа што најдиректно ги вмеша САД и европските држави во решавањето на нашите внатрешни политички прашања. Политичкиот хаос што сега владее во САД и во ЕУ дополнително нѐ дестабилизира и води до тоа да не можеме да пресечеме.

Сѐ погласни се најавите за голема коалиција, која треба да ја подготви земјата за евентуалниот бегалски бран и да ја стабилизира државата на подолг период.

ЧИЛИМАНОВ: Предлогот за голема коалиција е неодржлив на подолг рок. Можеби е можна некаква влада што ќе има обврска да ги организира предвремените парламентарни избори, со цврсто договорен термин за нивно одржување. Но, и за тоа партиските лидери треба што поскоро да седнат и да разговараат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.