Читални со стручни книги од проектот „1.000 книги“ во Аеродром, Велес и Струмица

Во општините Аеродром, Велес и Струмица ќе бидат отворени читални опремени со изданија од проектот „1.000 книги“ на Владата и Министерството за образование и наука, како и со едициите што се објавуваат преку Министерството за култура.

Новите три читални се очекува да почнат да работат идната година, а во договор со општините ќе бидат утврдени локациите. Ќе имаат ресурси и ќе бидат организирани како и читалната „1.000 книги“ која засега е единствена, отворена во мај 2011 година во Градскиот трговски центар во Скопје.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски изјави дека на овој начин се интензивира и проширува проектот за превод на наслови  од познати автори кои се користат на врвните универзитети во светот.

Покрај превод на стручна и научна литература од најреномираните светски универзитети, Владата на РМ одлучи да ја прошири целокупната инфраструктурна поддршка на овој проект, со тоа што ќе се отворат три типски читални во кои ќе биде ставена на располагање литературата за студентите од проектот за превод на илјада стручни книги и учебници и литературата на Министерството за култура. Владата донесе заклучоци, при што Аеродром, Струмица и Велес се првите три општини во кои ќе го прошириме процесот на адаптација и подготовка на читални од овој тип, изјави Ристовски.

Иако не носат профит зашто влезот за студентите е бесплатен, бенефитот од овие читални е долгорочен.

Нам не ни е целта да се обезбеди заработка  преку  плаќање членарина од студентите, туку целта ни е стручната литература да ја направиме директно достапна за студентите. Бенефитот е долгорочен, тргнувајќи од фактот што студентите ќе учат од најдобрите учебници од најдобрите универзитети. Ефектот што Република Македонија ќе го има долгорочно од таквиот квалитет на студии е нешто што ќе се мултиплицира на повеќе нивоа за потребите на општествено-економскиот развој на државата, додаде Ристовски.

Во рамки на проектот за превод на стручни книги, кој почна во јануари 2009 година, досега се преведени и отпечатени 933 наслови од различни научни области. Проектот ќе продолжи и по заокружувањето на првичната идеја од илјада наслови така што веќе, посочи Ристовски, објавен е тендер за 50 нови учебници.  Покрај во читалната во ГТЦ, книгите од проектот може да се најдат и во библиотеките на факултетите.