Членки на НАТО ја вооружуваат Украина

Држави членки на НАТО почнаа да и’ доставуваат оружје на Украина, за да се бори со проруските бунтовници и да го сопре рускиот претседател Владимир Путин, рекол украинскиот министер за одбрана Валериј Хелетеј, објавува „Ројтерс“, пренесува Нетпрес.

Хелетеј, на прес-конференција, изјавил дека ги договорил доставките на оружје на двострани средби со свои колеги од Алијансата, за време на средбата на врвот на НАТО во Велс, на почетокот на месецов.

Претходно од НАТО јавно објавуваа дека нема да има испраќање на оружје на Украина, но оти членки на Алијансата можат да го сторат тоа. Минатата недела, Јуриј Луценко, советник на украинскиот претседател Петро Порошенко, соопшти дека пет држави од НАТО – САД, Франција, Италија, Норвешка и Полска, ќе и’ испратат на Украина современо вооружување и воени советници.

Но, потоа, четири од прозваните земји ги демантираа тие информации, а Франција соопшти дека воопшто нема да ги коментира.

Хелетеј соопштил дека околу 3.500 руски војници остануваат на територијата на Украина, а дека околу 25.000 се распородени од руската страна на границата.

Русија ги отфрли обвинувањата на Киев и на Западот, дека испратила војски во источна Украина, како поддршка на сепаратистите.

Претпоставките се дека во конфликтот, досега, загинале повеќе од 3.000 лица. Во регионот, каде се одвиваат борбите, од 5 септември во сила е спогодба за прекин на огнот, која генерално се почитува, иако има спорадични пресметки и нарушувања.

Вчера, бунтовниците соопштија дека двете завојувани страни во конфликтот, извршиле размена на 73 воени заробеници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.