Членови на ИВЗ менувале брави на дуќани, тврделе дека се нивни

Лица кои се преставувале како членови на Исламската верска заедница вчера попладне ги смениле бравите на два дуќани на улицата Црвена скопска општина, во близина на плоштадот Карпошово востание, информира денеска полицијата по пријавата на сопствениците на дуќаните.

Полицијата информира дека околу 15,30 групата наводно од ИВЗ насилно ги смениле бравите на еден фризерски салон и на очна ординација, а кога дошле до ресторанот Пирин сопственикот одбил да излезе по што лицата сакале насилно да го изнесат од објектот.

„За цело време луѓето од ИВЗ покажувале имотни листови дека наводно објектите се во нивна сопственост.СВР-Скопје презема мерки за расчистување на настанот, при што лицата кои се претставувале во име на ИВЗ се идентификувани и повикани во ПС со нив е извршен службен разговор“, се вели во информацијата од полицијата.

Оттаму додаваат дека во консултација со јавниот обвинител доколку има основа ќе биде поднесена кривична пријава за самовластие.