Членови на СОНК побараа итен прекин на штрајкот

Членови на СОНК кои не ја поддржуваат одлуката за штрајк од лидерот Јаким Неделков побараа итно прекинување на штрајкот, а правата и состојбите во образованието да се унапредат преку социјален дијалог.

Зоран Ристевски, член на СОНК, изјави дека единствен постигнат ефект од штрајкот се поделби меѓу наставниците и непотребни конфликти и нарушување на добрите односи меѓу наставниците и родителите и претворање на учениците во заложници на  лични цели и амбиции на група луѓе.

– Штрајкот на раководството на СОНК е неуспешен затоа што е јалов обид за лична промоција која нема поддршка од мнозинството членови на синдикалната организација. Се надеваме дека разумот ќе преовлада, страстите ќе се смират и со ладна глава нашето раководство ќе размисли и ќе одлучи да го послуша најголемиот дел од членството, рече  Ристевски.

Тој е загрижен зашто пропуштената настава веројатно ќе треба да се  надомести за време на викенди или во летниот распуст, а нивните колеги кои се во штрајк  ќе имаат помала плата за јануари.

– Тоа треба да им го надомести синдикатот, но досега не добивме јасен одговор од раководството, додаде Ристевски.

Според него, над 85 проценти од училиштата работат и повеќе од 90 отсто од наставниците се на своите работни места.

фото: МИА