Членови на ВМРО-ДПМНЕ противзаконски се повикуваат во СЈО – целта е дисквалификација на партиското раководство

SJO

 

СЈО презема противзаконски дејствија и ја злоупотребува својата положба. Наместо да ги истражува прислушуваните разговори за што е и формирано, ова обвинителство работи произволно, повикувајќи на разговор лица кои не се поврзани со прислушуваните разговори, коментираат аналитичарите.

Според универзитетскиот професор Александар Даштевски, целта на повикувањето на членови на владејачката партија е со цел да извлечат искази со кои би се оцрниле раководните структури на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на парламентарните избори.

Повикувањето на членови на ВМРО-ДПМНЕ да даваат изјави во Специјалното јавно обвинителство е противзаконско, затоа што знаеме дека ова обвинителство се формираше да ги истражува прислушуваните разговори и треба да работи во насока на откривање на дејствија кои се поврзани со тие разговори, а повикувањето на вакви лица нема никаква врска со прислушуваните разговори, па оттука тоа е спротивно на законот и на функциите кои ги има СЈО. Ова обвинителство работи произволно, односно работи се освен тоа за што е формирано. Се оди на тоа да се дисквалификуваат и да се оцрнат раководните структури на ВМРО-ДПМНЕ на неколку дена пред изборната кампања за претстојните парламентарни избори. СЈО без воопшто да ги земе во предвид советите упатени од домашната и меѓународната јавност, продолжува да работи исклучиво на своја рака, да формира предмети кои не се базираат на докази, па оттука сметам дека се движат во многу погрешна насока и дека токму поради тоа досега нема никакви резултати од досегашната работа на оваа институција, посочува Даштевски во изјава за Нет Прес.

Досега голем број членови на оваа партија биле повикани во ова јавно обвинителство, при што врз нив се вршел притисок, да одговорат дали се членови на ВМРО-ДПМНЕ и дали давале донации на партијата. Дел од нив сведочат за начинот на кој биле третирани.

На 31 октомври, годинава, бев повикан во СЈО на разговор. Таму бев прашан дали сум член на партијата ВМРО-ДПМНЕ и дали сум давал донации за истата. Нормално, јас одговорив дека сум член на партијата веќе 26 години и дека сум еден од основачите на партијата во Охрид. Имам давано донации и ќе давам во рамките на моите можности, вели Стефан Трпеноски од Охрид.

Дел од повиканите лица сметат дека целта на ваквите активности на СЈО е да внесат страв, закана и заплашување кај членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Бев повикана во СЈО на разговор и таму ме распрашуваа дали сум член на ВМРО-ДПМНЕ и дали сум донирала средства во партијата. Јас им кажав дека сум член на ВМРО-ДПМНЕ од пред повеќе од 15 години и дека сум донирала средства во партијата и дека тоа ќе го правам и во иднина. Сметам дека ваквите активности на СЈО се со цел да внесат страв, закана и заплашување кај членовите на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на кампањата, односно тоа е една своевидна кампања на СЈО. Ваквите закани и заплашувања не се во функција на правдата, туку повеќе се во политичка функција, тврди Дужа Матевска.

Член на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, пак смета дека повикувањето на членови на оваа партија да сведочат во СЈО, наместо да ги заплаши, ќе предизвика контраефект, односно дека само ќе ја зацврсти нивната политичка определба.

Се повикуваат голем број членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа тоа ќе наиде на контра ефект, затоа што јас како функционер и долгогодишен член на партијата, кај мене желбата е се поголема и поцврста за работа и ќе донирам повеќе средства во самата партија. Исто така и сите членови на ВМРО-ДПМНЕ со ова ќе се обединат и ефектот ќе биде една голема победна за ВМРО-ДПМНЕ на 11 декември, изјавува Ангел Бојаџиев од Штип.

Дека членови на владејачката партија се повикуваат и уценуваат во СЈО да даваат лажни искази, потврди и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој на прес-конференција подвлече дека со ваквите постапки само се докажува дека СЈО е продолжена рака на СДСМ.

Членовите од тимот на Катица Јанева се служат со истите незаконски методи, со уцени и лажни ветувања, се убедуваат да ги натераат граѓаните да се дистанцираат од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и да даваат лажни искази, како тече обично разговорот помеѓу некој од тимот на Катица Јанева и одредени луѓе кој што се повикани од ВМРО-ДПМНЕ, најчесто им викаат: „Никој нема да ти каже фала, доколку не дадеш соодветна изјава, биди паметен сега си повикан како сведок во СЈО и дај изјава како што ни е потребна, доколку не следниот пат ќе бидеш повикан како обвинет, тие нема да ти го гледаат семејството, ние можеме да ти помогнеме, ако дадеш добра изјава што ќе ни користи во обвинителството. На ваков начин со притисоци СЈО се обидува да натера луѓе кој што се поканети, а се членови на ВМРО-ДПМНЕ да дадат лажни искази во врска со одредени предмети, кој што СЈО политички ги конструирал, истакна Милошоски.

Експертската јавност, пак, веќе коментира дека може да се очекува оти СЈО ќе настапи како политички партнер на опозицијата на претстојните предвремени парламентарни избори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.