Членови на „Златна зора“ на обвинителна клупа

За убиството на Павлос Фисас во септември 2013 – та, за низа напади на имигранти и политички неистомисленици, за формирање и водење криминална организација – утре на обвинителната клупа ќе седнат 69 членови на Златна зора, меѓу кои и пратеници од партијата, објави Канал 5.

По 19 месеци од убиството на 34 годишниот Фисас, што беше и пресудно да се открие вистинското лице на неонацистичката партија, започнува судскиот процес, кој се очекува да трае околу 1 година.  Дел од пратениците, меѓу кои и лидерот на партијата Никос Михалолиакос, за кој според предметот е и апсолутен водач на организацијата која функционирала како воена структура, 18 месеци поминаа во притвор, откако беа обвинети за формирање, здружување и водење на криминалната организација, која како политичка партија во 2012та влезе во грчкиот парламент.

Судењето кое започнува утре, ќе биде под силни безбедносни мерки. Ќе се одржи во просторија во атинскиот затвор Коридалос, а паралелно со почетокот најавени се и протести од антифашистички организации и од синдикатот на вработените во јавниот сектор. Училиштата, градинките и јавните установи во населбата каде што ќе се одржи судењето ќе бидат затворени. А новинарите за да го следат судењето, потребно е да имаат специјални акредитации.