Членовите на СОНК: Каде одат нашите пари?

Членовите на СОНК се фрапирани од огромната сума на пари кои на годишно ниво влегуваат во касата на Синдикатот, објавува Курир.

Приходите на СОНК во 2013 година изнесувале неверојатни 80.986.223 денари, покажуваат документите од Централниот регистер.

Тие се сомневаат дека првиот човек на СОНК средствата ги користи за сопствени интереси.

Наставниците-членови на СОНК од Скопје велат дека се запрепастени од овие бројки кои произлегоа во јавноста и затоа јавно го прашуваат Јаким Неделков и СОНК- На што се трошат овие пари?

-Ние како членови на СОНК имаме право да прашаме„На што нашето синдикално раководство троши 100.000 евра месечно, колку од тие средства се наменети за симпозиуми, конференции, семинари и обуки за наша надградба“! Според сите морални и етички норми, средствата на СОНК треба да бидат наменети за нас како членови. Се отвора прашањето Колкава е транспарентноста на актуелното раководство, рече Зоран Ристески.

Според притисоците да се приклучат на штрајкот, колегите меѓу себе размислувале дали е оваа вистинската синдикална борба.

-За што се бори и заканува СОНК? Мислиме дека е редно време, раководството на СОНК да го испочитува своето членство и да ни одговори на поставените прашања, велат наставниците од Скопје, членови на СОНК.

Љубен Марковски од СОНК-Охрид вели дека никој, освен раководството не знае на кој начин се трошат овие пари. И наставниците од Охрид јавно бараат одговор од Јаким Неделков- на што се трошат овие огромни суми на пари.

-Фрапантен е податокот кој вчера беше обелоденет пред целата македонска јавност дека нашата синдикална организација од членството инкасира повеќе од 1 милион евра на годишно ниво. Се работи за средства кои се акумулираат преку одвојување на нашите лични примања на месечно ниво и средства за кои, за жал, никогаш не сме имале реална претстава и увид каде навистина се трошат. Останува дилемата дели некој од нашите членови видел аир од овие средства, рече тој.

„Дали Јаким Неделков се бори за унапредување на нашите права или синдикалната борба е само цел на притисоци, закани преку нашите работници за задржување на фотелјата која вреди 100.000 евра месечно“? Ова прашање до раководството на СОНК го упатија наставниците членови на синдикалната организација од Прилеп.

Очигледно, синдикатот за образование, наука и култур е бунар без дно. На Јаким Неделков и СОНК не им е до работничките права, туку до финансиските средства и бенефитите кое ги носи лидерското место во Синдикатот.

Членовите на СОНК прашуваат во чии џебови и на чија сметка завршуваат овие над 80 милиони денари годишно и каков бенефит виделе наставниците од овие пари, или поточно, што прави Јаким Неделков со оваа огромна сума на финансиски средства и каде завршуваат истите?

Поголемиот дел од просветните работници сметаат дека Неделков ја изгубил поддршката од колегите, што се докажува и со тоталниот дебакл на штрајкот кој целосно пропадна. Зад Неделков застанаа само неколку наставниците од две општини кои се под контрола на опозициската партија и таа поддршка, коментираат членови на СОНК, има единствено политичка конотација.