Чоколадото ќе поскае поради еболата

Епидемијата на ебола ќе ја покачи цената на какаото, а тоа може да предизвика недостиг на чоколадо во светот – предупредуваат економистите. Поради епидемијата, Брегот на Слоновата коска и Гана, каде се одгледува 60 отсто од светското производство на какао ги затворија своите граници кон Западна Африка, од каде пак, доаѓаат најголем дел од работниците кои во овој период го берат какаото од плантажите. Оттука економистите се уверени дека цената на какаото драстично ќе порасне.

„Дел од работниците се мигранти, не се сите од локалното население. Границите на Брегот на Слоновата коска во моментов се затворени. Тие се едвај порозни и поради тоа луѓето се загрижени. Ситуацијата е слична како со кокошката и јајцето – ако границите не се пропустливи и работниците не можат да мигрираат, вие можеби ќе ја сопрете Еболата, но ќе ви недостигаат луѓе за берба“, вели Џонатан Паркмен, раководител на сектор земјоделство.
Фармите со какао во овие земји во последните 20 години страдаат од недостиг на инвестиции, најмногу поради стравот од нестабилната цена. Според економситите, поради зголемената побарувачка на чоколадо, неопходни се инвестиции во застарените насади на Брегот на Слоновата коска и во Гана. Но во исто време економистите предупредуваат за таканаречениот „Ебола Ефект“ врз цените на какаото, кои и онака се погодени од штетниците, граѓанската војна, политичката криза и од временските услови.
„Во недостиг на Африканското какао, ќе нема доволно за извоз. Навлегуваме во период кога жетвата го достигнува врвот. Ова е најкритичен период“, додава Паркмен.
Цената на какаото во последните 12 месеци порасна за 16 проценти, и просечната цена во септември беше повисока за 30 отсто во споредба со истиот период лани.Ако овие, повисоки цени привлечат нови инвестиции во плантажите со какао, во 2020 година би можел да се очекува нов бум во производството на какао, сличен на оној во 1970-та година, предвидуваат економистите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.