„Човекот од островот Сендвич“ победник на фестивалот „Тинтири минтири“

Францускиот филм „Човекот од островот Сендвич“ на Левон Минасиан освои најмногу гласови од детската публика на првиот меѓународен детски филмски фестивал „Тинтири минтири филм фест“, кој се одржа 5-ти до 7 јуни под мотото „Филмови на големото срце“.

Во борбата за официјалната награда влегоа 10 краткометражни филмови за деца од цел свет. Голем интерес од публиката имаше за 8-те кратки играни филма изработени од деца членови на ДКЦ „Тинтири минтири“ кои три дена по ред беа прикажувани во Кинотеката на Македонија.

Во втората фаза од фестивалот во план е програмата да биде прикажана низ повеќе градови во Македонија, со цел што повеќе деца да можат да ги видат филмовите. Поради големиот интерес на децата, ДКЦ „Тинтири минтири“ најави дека ќе се обиде да отвори свои клонови низ државата.

Како дел од летните активности, ќе биде организиран и летен филмски камп на тема „Потрага по загубеното богатство“, од 26 јуни до 1 јули на Китка. Кампот е работен и на него ќе се снима филм за деца кој ќе има јавна премиера во некоја од киносалите.

На фестивалот беше објавен и конкурс за најдобро сценарио напишано од деца на возраст од 6 до 14 години, а наградата ќе биде снимање филм според сценариото. Тоа треба да е најмногу до 10 страници А4 формат, напишано со големина на фонт 12. Сценаријата треба да се пратат на kc.tintirimintiri@gmail.com и на адресата: „В. Мачуковски“ 17 1/1 1000 Скопје. Рокот за пијавување е 1 август.