Човекот што го поставил беспилотното летало бил снимен од воена камера

Мажот за кој полицијата се сомнева дека го поставил леталото поради кое беше прекинат натпреварот меѓу Србија и Албанија на 14 октомври бил снимен од камера од видеонадзорот во интернатот на Воената гимназија во улицата Хумска во Белград.

Снимката е направена петнаесет минути по инцидентот, а дали лицето на снимката е Исмаил Моринај за кој се претпоставува дека го пуштил леталото ќе утврди истрагата, пишуваат српските медиуми.

Полицијата има сознанија дека човекот непосредно по инцидентот бил цел на навивачи на Рад.

– Тие веднаш тргнале во потрага. Наводно, влегле во трага на тој што го пуштил леталото, но успеал да побегне, велат од српското МВР. На основа на доказите сè уште не е потврдено од каде тргнало леталото.

– Можно е да е пуштен од куполата на црквата, каде што е најдено јаже, а можно е да е лансиран од зграда покрај воениот интернат, кој има рамен покрив. Не е исклучено дека и двете места биле подготвени однапред – велат од полицијата.

Во исто време, полицијата го открила и местото каде што престојувал осомничениот Моринај. Станува збор за хостелот Ферит, кој се наоѓа во близина на населбата Автокоманда во Белград.Објектот е затворен во моментот, а соседите велат дека сопственикот го напуштил објектот откако полицијата ја претресла собата во која престојувал Исмаил.