Колумни

Чуло, но недочуло момчето

Чуло, но недочуло момчето

Денес, кога светот е полн со апсурди и полу-интелекти се сеќавам како едно наше надобудно фраерче, интелектуалче и универзитетско професорче, видно полититарче и министерче, напати сметан дури и за македонски онфон терибл, пред 25-на година напиша дека отец Аврелие Августин запишал „Credo quia absurdum est“, што во превод значело „Верувам во апсурдот“.

Убаво и пожелно е луѓето да сакаат да бидат учени и паметни. Но, за да се биде тоа мора напорно да се работи, наместо само да се перчи. Во спротивно, делува бедно и тажно, макар што јавноста е можеби фрапирана од неговата претпоставена ерудиција и неконвенционален стил на пишување и изразување. Рака на срце, неговото повикување на Августин, во „основа“, е „точно“, меѓутоа со мали и сосема, сосема дребни неточности. Прво, Аврелие Августин не бил отец, туку светец. Второ, претходната реченица никогаш не ја изговорил, уште помалку ја напишал. Трето, реченицата/идејата е на Тертулијан. Четврто, тезата credo quia absurdum est, не значи верувам во апсурдот, туку „Верувам, бидејќи е апсурдно.“

Значи, во спомнатата реченица (пазете, во само една реченица!) на македонскиот жовијален интелектуалец, политичар и професор му се поткрале следниве материјални грешки: Августин од светец го деградирал во отец; го помешал со Тертулијан, а реченицата што на Тертулијан му се припишува погрешно ја превел. Затоа и јас, драги мои, сѐ повеќе верувам во апсурдот, како успешен начин интелектуално и човечки да се пропадне, но затоа да се има статус на успешен и на многу начитан интелектуалец, политичар, аналитичар… Да не пропуштив нешто, драги мои?

Ах, заборавив да кажам дека вакви примери на учена-недоученост има повеќе и дека за нив ќе пишувам во некои наредни текстови. Ако треба, и со име и презиме. Доста си игравме мижитатара.

„Фејсбук“ статус на професор Љубомир Цуцуловски