ЦИА го организирала пучот во Украина

Вооружениот пуч изведен во Киев е сличен на операциите кои ги спровела Централната разузнавачка агенција за да тргне од власт несакани лидери во Иран, Чиле, Венецуела, оценува американскиот режисер и сценарист Оливер Стоун.

“Изгледа дека е јасно дека таканаречените “стрелци” кои убиле 14 полицајци, раниле околу 85 и усмртиле 45 цивили меѓу демонстрациите во Киев, биле надворешни агитатори од трета страна”, напишал Стоун на својот Фејсбук профил откако во Москва разговарал со поранешниот претседател на Украина, Виктор Јанукович.

Американскиот режисер, кој има намера да сними документарен филм на таа тема, вели дека во Москва четири часа разговарал со Јанукович, кој во февруари оваа година бил тргнат од власт, пренесува руската телевизија Russia Today.

“Многу сведоци, вклучувајќи го и Јанукович и полициски службеници, веруваат дека тие надворешни елементи ги вовеле прозападните струи, со отпечатоци од прстите на ЦИА, во сето тоа”, истакнува Стоун.

Тој додава дека случувањата во Киев, кои довеле до рушење на украинската влада и наметнување на нова, непријателски настроена кон Русија, се слични случувања кои веќе сме ги гледале и во други земји, а кои тој ги нарекува “техника на мека моќ на САД наречена “Промена на режим 101″”.

Russia Today наведува дека ЦИА организирала слични операции против иранскиот премиер Мухамед Мосадег во 1953. година и против чилеанскиот претседател Салвадор Аљенде во 1973. година, бидејќи и двајцата заговарале политика која била непосакувана за Вашингтон.

Рускиот канал потсетува и на државниот удар во 2002. година во Венецуела, каде претседателот Уго Чавез бил брзо тргнат од власт, како што наведува Стоун, “откако над противниците и следбениците на Чавез пукале мистериозни стрелци од зградите на државни институции”.

“Ова е една валкана приказна, но во последната операција во Киев, Западот сè уште ја пласира доминантната приказна за “Русија на Крим”, додека вистинската приказна се вика “САД во Украина””, напишал американскиот режисер на Фејсбук, додавајќи дека “вистини не се објавуваат на Западот”.

Според неговите зборови, “историјата повторно е искривена”. Тој, сепак, изразува убедување дека вистината на Западот конечно ќе ја види светлината на денот.