ЦИА: Исламска држава работи на испраќање борци на Западот

Терористичката групација Исламска држава ќе продолжи да се обидува да организира терористички напади во западните земји, се наведува во пишаната изјава на директорот на ЦИА, Џон Бренан, која тој ќе ја претстави подоцна денеска пред Комисијата за разузнавање на Сенатот.

Бренан посочи дека ИД работи на изградба на апарат за директни и индиректни напади врз странски непријатели, слични на нападите во Париз и Брисел.

Според директорот на ЦИА исламистите ќе користат партизанска тактика, за да ги компензираат територијалните загуби.

Тој нагласи дека ИД располага со голем број борци на Западот, кои евентуално би можеле да извршат напади во земјите во кои живеат.

– ИД веројатно работи на тоа нејзини борци да влезат во западните земји со бегалскиот проток или преку законски начини на патување, додаде Бренан.

ИД постепено развива различни ограноци во силно поврзана мрежа. Најнапреден и најопасен е веројатно огранокот во Либија, а групацијата се обидува да го прошири влијанието во Африка. Огранокот на ИД на Синајскиот Полуостров, пак стана едно од најактивната и најспособната терористичка групација во Египет, напаѓајќи египетски војници и владини цели, како и странци и туристи, како што беше соборувањето на рускиот патнички авион во октомври минатата година, појасни тој.