ЦИА ја предупредила Анкара за можни напади врз руски туристи

ЦИА ја предупреди Анкара дека бомбаши-самоубијаци на Исламска држава и тројца Палестинци поврзани со соборувањето на рускиот патнички авион на Синајскиот Полуостров, подготвуваат напади врз туристи од Русија, тврди турскиот весник „Хабертурк“.

Палестинците се идентификувани како Мумтаз Мухамед Дамаш (38), Ајман Абдула Нофал (41) и Рафат Абас, чија возраст не е соопштена, пренесува МИА.

Според ЦИА, овие три лица се поврзани со соборувањето на рускиот авион „Ербас А321“ над Синајскиот Полуостров на 31 октомври.

Американското разузнавање соопшти дека извесен Џамал Наса, со кодно име „Абу Халид“, кој е поврзан со ИД, се наоѓа во Турција и подготвува самоубиствен напад.

Тој располага со фалсификувани документи за лична идентификација и се занимава со шверц на антиквитети и со илегален превоз на мигранти.

Наса одржувал телефонски контакт со друго лице, кое исто така користи лажен идентитет. Лажните податоци на тоа лице, исто така, биле доставени до турските власти.

Турското Министерство за внатрешни работи презело мерки во врсак со овие сознанија и ги информирало сите регионални дирекции на полицијата да бидат во состојба на готовност поради евентуалните напади.

Властите се обидуваат да ги лоцираат тројцата Палестинци, додава весникот.