Цибона преку Црвена Звезда до финалето во АБА лига и пласман во Евролигата

Кошаркарите на Цибона приредија големо изненадување во првото полуфинале од Регионалната АБА лига, откако го совладаа домаќинотт Црвена Звезда со 75:70. Со оваа победа Цибона не само што се пласираше во финалето, туку си обезбеди и директно учество во Евролигата, наредната сезона.

Српскиот гигант одигра на своето вообичаено ниво само во последните две минути, што сепак беше недоволно за да се совлада ривал како Цибона. Затоа триумфот на Цибона е апсолутно заслужен, а „црвено-белите“ станаа вториот тим во низа што го завршува регуларниот дел од сезоната на врвот, а потоа бил елиминиран во полуфиналето (откако лани тоа беше случај со Игокеа).

Блесингејл беше главна фигура на натпреварот со 28 поени, девет асистенции и дури десет загубени топки, а на своето вообичаено ниво беше и Шариќ, кој го заврши мечот со 21 поен, 15 скока и шест асистенции. Расположен за игра во таборот на Црвена звезда беше само Словенецот Блажиќ, чии 25 поени сепак беа премалку за да се стигне до триумф.