Македонија

Цигари, овошје, дрон – Што заплениja цариниците минатата недела?

Цигари, овошје, дрон – Што заплениja цариниците минатата недела?

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија три царински измами и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани цигари, вино, облека, модни додатоци, носии, свежо овошје, семенски материјал, дрон, етикети и фалсификати. Задржана е следната стока:

На граничниот премин Дојран, при контрола на патничко моторно возило со грчки  регистарски таблички, управувано од грчки државјанин, пријавено за излез од државата биле откриени 52 штеки цигари, марка Bond street blue selection со македонски акцизни маркички. Непријавените цигари се пронајдени во фабричките празнини од двете страни на задното седиште и во багажникот на возилото.

На граничниот премин Табановце автопат при контрола на автобус со македонски регистарски таблички што сообраќал на редовна линија од Италија за Македонија, а бил пријавен за влез во државата откриени се 16,5 литри црвено вино Percristina Barolo (22 шишиња од 750 ml). Непријавеното вино, сопственост на македонски државјанин – патник во автобусот, е пронајдено во картонска кутија сместена во багажниот простор на автобусот.

Во два одвоени случаи мобилните царински тимови откриле 3.600 кг портокали и 2,2 кг семенски материјал.

Во првиот случај, при контрола на товарно моторно возило натоварено со мандарини со потекло од Италија, наменети за фирма увозник од Скопје, пријавени за увозно царинење на царинската испостава Гевгелија, пронајдени се 3.600 кг портокали што не биле опфатени со увозната царинска декларација. Портокалите, сместени во 224 гајби, биле сокриени во товарниот дел на возилото, помеѓу легално пријавените мандарини.

Во вториот случај, при контрола на автобус со македонски регистарски таблички, што сообраќал на редовна линија Копер-Струга, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, откриени се 2,2 кг семенски материјал Butternut и Kinava.. Непријавениот семенски материјал е пронајден во патна торба сопственост на хрватски државјанин, патник во автобусот.

На граничниот премин Деве Баир при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата откриени се 980 парчиња модни додатоци-бижутерија (ѓердани, обетки, синџирчиња и прстени). Непријавените производи биле сокриени под предните седишта, под патосницата пред совозачкото седиште, на преградата зад задното седиште и во шуплините во багажниот простор на возилото.

На граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, со кое за влез во државата се пријавиле двајца македонски државјани откриени се 198 парчиња облека (женски кошули, панталони, наметки, јакни и мантили) и модни додатоци-бижутерија (синџирчиња и нараквици). Непријавените производи се пронајдени во повеќе кеси и една торба сместени во багажниот простор и задното седиште на возилото.

На граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со германски регистарски таблички, управувано од српски државјанин, пријавено за влез во државата откриени се 147 делови од носии (елеци, кафтани, кадифени здолништа, ремени, кошули и друго). Непријавените производи се пронајдени во патните торби на возачот, сместени во багажниот простор на возилото.

Во два одвоени случаи на скопскиот аеродром Александар Велики биле откриени132 парчиња облека, 12 пара обувки, 1 Play Station и 6 видео игри.

Во првиот случај, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Виена се пронајдени непријавени 68 парчиња облека (детски фустани, блузи, тренерки, панталони, елеци, маици и бебешки комплети), 12 пара детски обувки (чевли и чизми), 1 Play Station и 6 видео игри.

Во вториот случај, при контрола на патните торби на американски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул, пронајдени се непријавени 64 пара облека (женски панталони, блузи, фустани и здолништа).

На царинската испостава Штип, при контрола на репроматеријали за производство на текстилни производи, пријавени за увоз за облагородување, наменети за фирма увозник од Штип откриени се1.800 метри квадратни памучна ткаенина-флизелин.

На граничниот премин Деве Баир, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата биле откриена 1 летечка камера (дрон), марка PHANTOM 2 VISION. Непријавениот дрон е пронајден во багажниот простор на возилото.

На граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата откриени се 46 ролни со пластични етикети-декларации за обележување на зимзелени дрвца. Непријавените декларации се пронајдени позади предните седишта и во багажниот простор на возилото.

На царинската испостава Гевгелија, при контрола на стока со потекло од Турција, пријавена за увозно царинење за фирма увозник од Скопје откриени се 360.000 бебешки пелени со ознаки на заштитена трговска марка.

Мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за фирма увозник од Битола, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Гевгелија откриле990 влошки за одвртки за бор-машина со ознаки на заштитена трговска марка.

– 500 приврзоци за клучеви со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, при контрола на стока со потекло од Хонг Конг, наменета за увозник од Косово. Покрај тоа, во истата пратка се откриени и 200 приврзоци што не биле опфатени со царинските документи и приложената фактура.

– 1 детски автомобил на електричен моторен погон, со ознака на заштитена трговска марка, откриен на царинската испостава Скопје 3. Автомобилот со потекло од Кина, бил пријавен за увозно царинење од страна на примач од Скопје.

Минатата недела се откриени и 3 обиди за избегнување на плаќање увозни давачки со приложување неприменливи докази за потекло и погрешно распоредување на стока според царинската тарифа.

На царинската испостава Гевгелија се откриени два обиди за избегнување на плаќање увозни давачки со приложување на неприменлив доказ за потекло.

Во првиот случај, фирма увозник од Штип, во 2013 година пријавила за увозно царинење машина за обработка на пластика и гранулат, при што како доказ за потекло било приложено уверение за движење ЕУР.1.  доставен од фирмата извозник од Турција. При делумен преглед на стоката, царинските службеници се посомневале во валидноста на приложениот доказ за потекло, по што доказот е испратен на дополнителна проверка до царинската администрација на Турција, од каде е добиен одговор дека не постојат доволно докази дека стоките се со турско преференцијално потекло. Врз основа на новоутврдена состојба пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 14 илјади  денари.

Во вториот случај, фирма увозник од Арачиново, пријавила за увозно царинење свежи  мандарини, при што како доказ за потекло приложено е уверение за движење ЕУР.1 доставен од фирмата извозник од Италија. При делумен преглед на стоката, царинските службеници  се посомневале во валидноста на приложениот доказ за потекло, по што се извршени дополнителни проверки на истиот, кои покажаа дека  податоците во задолжителните рубрики од уверението се различни од фактичката состојба. Врз основа на новоутврдена состојба, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 56 илјади денари.

На царинската испостава Скопје 1 е откриен обид за избегнување на плаќање на царински давачки со  погрешно тарифирање на стока. Фирма од Скопје пријавила за увозно царинење „ѕиден и плафонски  конзолен систем за снабдување со медицински гасови и приклучување на апарати со прибор“, деклариран во тарифна ознака со пропишана стапка за царински давачки од 0%, но при документарниот и физичкиот преглед на стоката, царинските службеници утврдиле дека истиот треба да се распореди во друга тарифна ознака со пропишана стапка за царински давачки од 15%. Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 151 илјади денари.