Циндриќ проговори за случувањата во Металург

Хрватскиот репрезентативец од редовите на Металург, Лука Циндриќ во изјава за хрватскиот портал „24 часа“ вели дека тешко ја доживува целата ситуација околу Металург затоа што некако се наоѓа меѓу два огна, поради тоа што Лино Червар е тој кој вистински го промовираше на ракометното европско небо донесувајќи го во Металург и пружајќи му реална шанса за докажување.

– Во навистина незгодна ситуација сме. Лино Червар ме донесе во Металург, поради него сум тука, а сега сите играчи се против него, вели Циндриќ кој не беше меѓу потписниците на писмото против Червар.

Тој вели дека прекратко е во Металург за да пресудува. Додека се одвивавеше целата драма околу Металург, по настапите за хрватската репрезентација, Циндриќ ги чекаше соиграчите во Загреб на дуелот од СЕХА лигата, но како што е познато тие одбија да патуваат.

– Требаше да играме против Загреб, а ден пред тоа беше состанокот со газдата кој вети дека платите ќе бидат следната недела, иако требаше претходната. Во клубот им кажале дека оние кои не одат во Загреб ќе бидат суспендирани, па испадна само јас да не сум суспендиран затоа што веќе бев во Загреб, вели Циндриќ, кој сега во Скопје тренира со останатите ракометари на кејот на Вардар.

Тој вели дека играчите тренираат секој ден, а тренингот го водат најстарите играчи Мојсоски, Димовски и Вугринец.

– Чекаме расплет на ситуацијата. Газдата е на страната на Червар и не знаеме како ќе се заврши сето ова, вели хрватскиот репрезентативец.