Ципрас бара нови сојузници по раздорот во грчката влада

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прифаќа идејата на лидерот на партијата Потами (Река) за формирање Совет за национална безбедност и во понеделник ќе се сретне со Ставрос Теодоракис, кој уште во декември 2016 година го достави предлог законот за советот.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, овој потег на Ципрас, медиумите во Грција различно го толкуваат.

Според информативниот портал Iefimerida, грчкиот премиер е во потрага по нови сојузници за националните прашања, по јазот што веќе е очигледен со коалициониот партнер Независни Грци, особено во однос на спорот со името, и различната позиција на Панос Каменос.

„Добро информирани извори велат дека Алексис Ципрас како никогаш досега има потреба од сојузник во парламентот за скопското прашање. Односите со Панос Каменос стигнаа до ќорсокак, коалициониот партнер категорично изјавува дека нема никогаш да прифати име за Скопје што го содржи терминот ‘Македонија’,  а веќе и јавно зазема различен став од премиерот’, пишува „Iefimerida“ и додава дека Ципрас знае дека единствен лидер на политичка партија што поддржува решение на спорот со името, со позиции слични на владините е токму Ставрос Теодоракис.

Грчката телевизија „Стар“, состанокот, исто така, го поврзува со националните прашања и јазот меѓу Ципрас и Каменос, но во однос на уапсените грчки војници во Турција, откако по грешка, поради лошите услови, минатиот петок нелегално влегоа на турска територија кај Еврос.

„Средбата ќе се одржи во услови во кои е веќе очигледно дека Ципрас е на различна бранова должина  со министерот за одбрана Каменос за инцидентот кај Еврос. Премиерот, во парламентот, инцидентот го карактеризираше како вообичаен, а Каменос говореше за заложништво на двајцата војници“, објави грчката телевизија Star.

Весникот  To Bhma, пак, коментира дека Ципрас го поддржа предлогот на Теодоракис, а не на Мицотакис, кој говорејќи во грчкиот pарламент на седницата одржана во четвртокот, исто така, побара формирање на Совет за национална безбедност.